ЗАЕВ НЕ СИ ИГРАЈ, ПОНЕСИ ОДГОВОРНОСТ! Николоски прашува уште колку несреќи се потребни за да падне Владата
Николсоки вели дека е ирелевантно чувството на вина и морална одговорност кај Венко Филипче, Зоран Заев, Илир Хасани и кој било друг, доколку тоа не се материјализира преку оставките.
И денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара од претседателот на Собранието Талат Џафери да ја стави на дневен ред одлуката за оставка министерот за здравство Венко Филипче. До овој момент, Зоран Заев одбива да ја испрати до Собранието оставката, што покажува дека идејата е оставката никогаш да не се реализира, изјави Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој апелира Заев да не си игра и да преземе одговорност. Според него, одговорноста ќе се случи на локалните избори, но доблесно е одговорност да се преземе веднаш, затоа што никој не гарантира дека со ваков јавашлак, со ваква комбинација на неспособност и корупција, нема да има уште неколку трагедии во следниот период.
– Согласно договорот, Собранието работи само до следниот петок, затоа што потоа почнува кампањата за локалните избори и целта е да се превесла целиот овој период од некаде десетина дена и оставката на Венко Филипче да не се достави до Собранието, а во исто време да не се стави точка за негово разрешување, како што бара ВМРО-ДПМНЕ. Целта е јасна, а тоа е да се заштити неспособноста и криминалот коишто чинат човечки животи – смета Николоски.
Тој вели дека е ирелевантно чувството на вина и морална одговорност кај Венко Филипче, Зоран Заев, Илир Хасани и кој било друг доколку тоа не се материјализира преку оставките.
– Јавно некој да каже дека поднесува оставка, а потоа да си игра со таа оставка, само покажува за какви морални луѓе се работи. Уставот е многу јасен и вели дека секој министер има право да поднесе оставка и тука завршува, затоа што се знае дека кога се поднесува оставка тоа е завршен чин. Не може да се поднесе оставка, па истата да ја повлечете или да не ја прифатите, затоа што некој самостојно одлучил дека веќе не сака да ја врши таа работа – рече Николоски.
Тој, коментирајќи ја изјавата на Заев дека Владата не требало да падне поради пожарот којшто се случи во Тетово, прашува колку животи треба да се загубат, колку нерасветлени случаи и несреќи треба да се случат, за да почнат оставките, за некој да почувствува одговорност и да падне Владата.
– Поважна ли е фотелјата на Венко Филипче или вистината за 14 загубени човечки животи? На кој начин и со какви материјали е градена модуларната болница во Тетово, како и останатите болници коишто само поради факторот среќа не ја доживеаја истата судбина како болницата во Тетово. Зошто се градат објекти чиишто материјали немаат никаков атест или сертификат? И клучното прашање на коешто до денес немаме одговори е кој ги правел проектите за модуларните болници, дали е тоа согласно закон лиценцирана компанија со А градежна дозвола или истите биле проектирани незаконски, во рамките на Министерството за здравство и таканаречената проектна единица во Министерството за здравство – праша Николоски и додаде дека за тие прашања до денес немаат одговор, како што и нема одговор прашањето кој зел мито за да има подобра односно основна нега за пациенти.