ЗАЕВ НЕ ГИ ПРИФАТИ ОСТАВКИТЕ НА ФИЛИПЧЕ И ХАСАНИ Според премиерот немало политичка, ниту менаџерска одговорност кај министрите

Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Филипче и заменик министерот за здравство Хасани - изјави Заев и додаде дека нема да дозволи политизирање на случајот во модуларната болница.

1,018

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција соопшти дека не ги прифатил понудените оставките на министерот за здравство Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, поради пожарот во тетовската ковид болница каде загинаа 14 лица.

– Внимателно ги прочитав наодите на истражителите за причините за несреќата во тетовската модуларна болница. Како што е јавно соопштено, со стручните наоди на вештачење е утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска во приклучен кабел. Врз основа на овие и претходно добиените информации, сакам да ја известам јавноста, нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Филипче и заменик министерот за здравство Хасани – изјави Заев и додаде дека нема да дозволи политизаирање на случајот во модуларната болница.






Оваа одлука на премиерот е откако Јавното обвинителство денеска информира дека причината за пожарот бил прегреан кабел на дефибрилатор.

За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи, додаде Заев, додавајќи оти им ја дава довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.

– Ние политичарите и извршната власт, генерално не смееме и нема да го толкуваме извештајот на вештите лица кои постпауваа по наредба на Јавното обвинителство. Откриена е причината за пожарот и таа е јасно и јавно објавена. Ја примив оваа информација и постапувам и веднаш дадов насоки до Минизтерството за здравство во најкус можен рок да се  извршат темелни теренски контроли во сите модуларни болници. Сега е најважно да се засилат контролите и проверките за да се намали ризикот од вакви несреќи предизвикани од страни предмети во иднина, поради што за жал изгубивме 14 животи – рече Заев.

Тој наведе дека ни се случи страшна трагедија, но не сме единствена земја во светот во која се случуваат вакви трагедиии и повторно изрази сучувство до семејствата на загинатите.

Претходно денеска, Јавното обвинителство информираше дека во Основното јавно обвинителство – Тетово е доставен Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

– Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат – се вели во соопштението.

Поврзани содржини