Заев: Наплатата на основните даноци е зголемена, а државата е ликвидна
Премиерот рече дека годинава навреме се вратени доспеаните долгови кон кредиторите во висина од 1,1 милијарда евра што, според него, е показател за стабилната финансиска состојба на државата.
Државата е солвентна и финансиска ликвидна и е подготвена и понатаму да развива мерки за граѓаните, порача денеска премиерот Зоран Заев од собраниската седница на која одговара на пратенички прашања.
Во одговорот на пратеничко прашање од опозицијата дека има дупка во буџетот од околу една милијарда и 600 милиони евра, Заев истакна дека наплатата на трите основни даноци е поголема и оти редовно се сервисираат сите обврски од Буџетот, кој е во добра кондиција.
Презентирајќи ги податоците од Управата за јавни приходи заклучно со 29 декември, премиерот информира дека наплатата на ДДВ изнесува 6,5 милијарди денари за разлика од лани кога во декември наплатата била 6,1 милијарди денари. Во ноември наплатата на ДДВ била за 2,5 проценти помала од истиот период 2019 година, а во октомври за 2,5 отсто поголема од однос на октомври 2019 година.
Наплатата на персоналниот данок на доход во декември е 2,27 милијади денари, а лани во истиот период била 1,92 милијарди денати или има за 18 проценти поголема наплата сега. Наплатата кај данокот на добивка во декември е 853 милиони денари, а во истиот месец 2019 година била 786 милиони денари или 8,52 проценти повеќе во споредба со 2019 година.
– Тоа покажува сериозно заживување на економијата, иако се случува вториот најголем пик на инфекцијата со корона вирусот – рече Заев.
Тој додаде дека годинава навреме се вратени доспеаните долгови кон кредиторите во висина од 1,1 милијарда евра што, според него, е показател за стабилната финансиска состојба на државата.
Очекувањата се дека ќе има и над 96 проценти реалзиација на Буџетот, а капиталните инвестиции ќе бидат со реализација од над 80 проценти.
– Колку и да е тешка ковид година, може да кажеме дека сме задоволни од реализацијата затоа што одреден дел на дејности кои се поврзани со капиталните инвестиции за време на корона кризата се со забавени перформанси – рече Заев.
За зголемениот буџетски дефицит, рече дека државата се откажала од непродуктивните трошоци и парите се насочени кон граѓаните и кон стопанството. Помогнати се повеќе од 400 илјади граѓани и повеќе од 100 илјади работни места.