Премиерот Зоран Заев по денешниот состанок на Советот за безбедност во вилата на Воднo, рече дека уште вечерва, а најдоцна до утре, ќе се помине процедурата за прогласување на кризна состојба во траење на 30 дена на целата територија на државата.
Воведувањето кризна состојба во државата дојде како препорака на денешниот состанок на Советот за безбедност, а како што објасни претседателот Стево Пендаровски ваков чекор се презема бидејќи состојбата е исклучитено сериозна.
Кризната состојба, како што беше објаснето, ќе значи дека на терен ќе може да се вклучи армијата и полицијата и да помагаат во здравствениот систем кој е сериозно притиснат од напливот на новозаразени пациенти со ковид-19 и од напливот на хоспитализирани пациенти на сите инфективни одделенија.
– Владата и институциите се целосно подготвени на овој чекор. Сега по носењето на одлуката на Советот за безбедност се враќам во Владата и ќе дадам наредби на Управувачкиот комитет кој треба во најбрз рок да предложи до Владата прогласување кризна состојба. Најдоцна утре вечер ќе одржиме седница на Владата. Ако бидат подготетвени сите институции од формално-правен аспект ние сме подготвени верчерва или најдоцна утре вечер да прогласиме кризна состојба, рече заев во изјава по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.
Тој истакна дека иако засега не се размислува за полициски час или било какво затворање, тоа како можност не е исклучено.
– Тоа е во надлежност на Комисијата за заразни болести. Моја должност е да ги информирам граѓаните дека кризната состојба нема никаква врска со полициски час, таа не го регулира или ограничува движењето на граѓаните. Останува препораката по 21 часот да не се движиме освен ако имаме некоја неопходна потреба, да ги почитуваме сите мерки, особено оние за лична заштита. Очекуваме луѓето да ја почитуваат сама по себе кризната состојба. Кога се прогласува кризна состојба има дебели причини зошто тоа се прави – рече премиерот Заев.
Тој појасни дека кризната состојба овозможува подобро менаџирање на сите ресурси.
– Кризната состојба му дава управувачки дел на Центарот за управување со кризи и директорот кој го води Централниот кризен штаб, а се формираат и општински и локални кризни штабови во сите 80 единици на локална самоуправа. Со самото тоа се добиваат дополнителни надлежности за управување со сите државни и приватни ресурси во државата кои беа споменати за да се искористат сите капацитети во државата. Зошто Советот ова го предложи – затоа што менаџментот на кризата, бројките насочуваат кон потреба од менаџирање на физичките капацитети во болниците и човечки преку медицинскиот персонал. Наместо како досега само во јавното здравство ќе може да се располага и со приватното здраство со една единствена цел да имаме доволно и човечки и физички капацитети, односно легла, болници и слично – рече Заев.