Премиерот Зоран Заев побара разбирање за новите мерки за заштита од вирусот и повика како што се почитуваат барањата на уметниците и на различни економски сектори, да се почитува и мислењето и предлозите на Комисијата за заразни болести зашто се во интерес на заштита на здравјето на сите граѓани.
– Свесни сме дека е важен и економскиот дел и егзистенцијата на уметниците кои настапуваат во угостителските објекти, но, сепак, здравјето е доминантно и владата ја донесе одлуката заради здравјето на граѓаните. Бројките растат, доаѓа зима, сите треба да бидеме дополнително внимателни – рече Заев во врска со мерката за забрана за настап на пејачи во угостителски објекти, додавајќи притоа дека помош ќе има и никој нема да биде оставен и заборавен.
Владата вчера дискутирала, додаде тој, и за можноста не само парично да се казнува, туку и да се затвори угостителски објект кој нема да ги почитува мерките и дека таа надлежност може да ја имаат инспекторатите или МВР.