Заев и Николовски во офанзива против корупцијата: Нема веќе чување предмети по фиоки и чекање на шалтери, воведуваме Е-инспектор

Ако некој граѓанин не е соодветно услужен или е повлечен во корупција, тогаш службеникот ќе биде пријавен и ќе биде казнет. Граѓанинот е секогаш на прво место, а ние сме тука за да служиме, рече премиерот Зоран Заев.

2,440

Го усвоивме планот за борба против корупцијата наречен „Акција 21“. Првите два приоритети се борба прочистување на правосудството и борбата против корупцијата, а планот е производ на политичката волја како Влада да се избориме против корупцијата, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција заедно со вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.

– Ги охрабруваме граѓаните и медиумите да зборуваат јасно и гласно, бидејќи тоа придонесува за ред и дисциплина. Сериозно ги земавме предвид забелешките од последниот извештај на Транспаренси Интернејшнл и ги вградивме во овој план. Ги елиминиравме пречките и ќе имаме функционален систем во борбата против корупцијата. Тие ќе го санкционираат секој тип на корупција без исклучок. Планот има за цел да спречува корупција на власта, но и да ги открива коруптивните инсталации на режимското владеење. Овие го попречуваат функционирањето на системот, вклучувајќи го и правосудството. Дојде време во целост да се ослободиме од режимските остатоци. За ваквите злодела против претходната криминална власт денес се водат судски постапки, а додека тие одговараат, ние продолжуваме со демонтажа на нивните остатоци во системот. Правдата е тука, секој ден по рочиштата и низ судниците. Додека тие се бореа да нема правда, ние почнавме со активна транспарентност. Нема враќање назад, воведовме ред и домаќински однос кон трошењата, го отворивме трезорот, а граѓаните можат да ја следат секоја трансакција. За кус период ги очекуваме и новите веб страни кои ќе бидат услужно ориентирани. Нашата Влада е на прво место во регионот по отвореност и транспарентност – рече премиерот.






Медиумите сега известуваат за случаи за кои порано на власта не ѝ се слушаше, додаде Заев, и посочи дека новинарите треба да продолжат да бидат партнери на граѓаните.

– Граѓаните сведочат дека нема недопирливи. Казната за корупција ги опфаќа сите. Вицепремиерот Николовски и сите надлежни министерства направивме увид во сите точки кои треба да ги поврзат институциите кои се најповикани да ги спречат сите форми на корупција. Ги собравме најважните совети за да изготвиме план кој ќе даде брзи ефекти. Влегуваме во целосна дигитализација на Јавното обвинителство. Дигитализацијата ќе го забрзат процесот на решавање на предметите. Нема веќе предмети во фиоки. Секој предмет мора да има брза разрешница. Се воспоставува електронски систем за инспекција, Е-инспектор, а со овој систем се елиминира субјективниот пристап во водењето на предметите. Воведуваме целосно дигитализиртање на трите книги од Управата за матични книги. Наскоро ќе следува и укинувањето на вадењето изводи. Го подобруваме и системот за укажувачи, со цел да ги заштитиме укажувачите. Ја подигаме свеста кај граѓаните и ги охрабруваме да пријавуваат случаи на корупција. Ако некој граѓанин не е соодветно услужен или е повлечен во корупција, тогаш службеникот ќе биде пријавен и ќе биде казнет. Граѓанинот е секогаш на прво место, а ние сме тука за да служиме – рече Заев.

При склучување брак, посочи вицепремиерот Љупчо Николовски, наместо три пати да се оди до Управата за матични книги, отсега ќе се оди само еднаш.

– Вака значително ќе се скрати времето за чекање и ќе се забрзат постапките што ги водат граѓаните, како и ќе се елиминира евентуалната корупција. Едногласно е усвоен Планот за борбата против корупцијата. Рековме дека оваа година ќе биде антикорупциска и така постапуваме. Ова се храбри политики за враќање на довербата на граѓаните кон институциите и во оваа област граѓаните набрзо ќе ја воочат разликата. Планот е подготвен врз основа на сите совети од јавните институции, од независните регулаторни тела, а содржи нови начини за спречување на корупцијата. Донесовме нов етички кодекс на однесување со кој се одредува начинот на работење на сите носители на извршни функции именувани од Владата. Досега над 300 функционери го имаат потпишано кодексот и спроведена е обука кај дел од функционерите. Транспарентно се објавени имињата и веќе се спроведува тестот за интегритет преку кој ќе се утврди ризикот од корупција. Во функција е новиот национален регистар на вистински сопственици за сите фирми и нема да може да ни се случат нови „белизиња“ и „панами“. Го подигнавме нивото на отчетност и тоа е главна одлика на Владата. Сите министерства и сите општини ги задолживме да ги објавуваат сите информации на своите веб-страници. Тие имаат обврска за објавување на 22 различни типови на документи пред граѓаните. Го подготвивме овој план и очекуваме резултати на краток, но и на долг рок. Содржи системски мерки и конкретни задолженија за министерствата и интитуциите – рече Николовски.

Анализите покажаа, додаде тој, дека подигањето на нивото на дигитализација имаат клучна улога во превенцијата од корупција, па затоа креиравме системски мерки за правична примена на законите.

– Дигитализацијата ќе го забрза процесот на решавање на сите предмети. Тие не смеат да стојат во фиоки. Со целосно дигитализирање на трите книги од Управата за матични книги, граѓаните ќе можат директно да ги добијат документите без да чекаат на шалтери. За да се подобрат услугите за граѓаните и фирмите, во полна функција се става и Централниот регистар за население . Воведуваме и Регистар за службени возила, а на тој начин ќе се спречи злоупотреба на службените возила за приватни цели – посочи вицепремиерот.

Поврзани содржини