Заев го прекрши Преспанскиот договор среде Атина – мораше да ја одбрани придавката „македонски“!
Преспанскиот договор ја пропишува употребата на термините „Македонија“ и „македонски“ за многу важни нешта, меѓу кои експлицитно и за територијата на нашата земја. Воздушниот простор е дел од таа територија и Заев имаше право да каже „македонски воздушен простор“. Како што кажа. Кој ѓавол го тераше потоа да прифати да го поправаат и папагалски да повторува „Северна Македонија“?!
На Меѓународната конференција за мир во Атина, што ја организираа фондациите на поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, а на која беше одбележана шестгодишнината од Преспанскиот договор, се случи срамен скандал.
Заев прописно се изрезили на јавна сцена, дозволувајќи неговата грчка соговорничка да го исправи, кога тој нашиот воздушен простор, кој сега го бранат грчки авиони, го означи со придавката – македонски.
Откако ја изговори фразата „македонски воздушен простор“, Гркинката го поправи: „Северна Македонија“. На Заев му клапнаа ушите и тој покорно повтори: „Северна Македонија“.
Работава е – зини земјо голтни ме!
Ај срамот на страна … Одамна научивме дека Заев не е човек што го разбира концептот на срамот.
Проблемот е што токму ист Зоран Заев, кому Преспанскиот договор му се припишува како ремек-дело во неговото политичко творештво, не го знае словото и не го разбира духот на Договорот.
Ај сега малку едукација за него, за неговата Фондација, за Венко Филипче и за Марјан Забрчанец фатен жив во публиката на приватната журка во Атина.
Еве што вели Преспанскиот договор во врска со именката „Македонија“ и со придавката „македонски“ (цитирано од официјалниот сајт на Владата).
Во член 1, точка 3 ѓ, се вели: „Придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, односно ’на Република Северна Македонија‘ или ’на Северна Македонија‘. Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со член 7, став (3) и став (4)“.
За да нема никакви дилеми, во целина ќе го цитирам членот 7:
„1. Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините ’Македонија‘ и ’македонски‘ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
2. Во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден.
3. Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2).
4. Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици.
5. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна.
6. Ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни.“
Кој знае колку пати сум напишал дека токму Членот 7 е суштината на компромисот постигнат со Преспанскиот договор – двете страни се договориле дека имаат различни разбирања на термините „Македонија“ и „македонски“. Компромисот стана можен откако по долго противење, овие термини на кој било начин да бидат дел од сложеното официјално име на нашата земја и од придавките изведени од тоа име, некаде во 2005-2006 година во Атина се постигна интерен политички компромис тоа да се дозволи, за така да дојде до заемно прифатливо решение на долгогодишниот спор со Скопје.
Ништо од сево ова Заев не моралo да знае, како што веројатно и не знаел. Но, можел едноставно да ја прочита точката 3 од членот 7. Еве, пак ќе ја цитирам: „Во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2)“.
„Нејзината територија“, Зоќе!
Воздушниот простор на една земја е дел од нејзината територија, Зоќе!
Преспанскиот договор, Зоќе, ти нуди експлицитно право да ја употребиш фразата што ја употреби – „македонски воздушен простор“!
Па кој к. мораше по таа Гркинката како папагал да повторуваш „Северна Македонија“?!
А, Зоќе?
Зошто ти клапнаа ушите?
Жената не мора да знае ништо. Ние не ја познаваме. Таа можеби има право на „блажено незнаење“. Но, експремиерот и несуден Нобеловец Зоран Заев, нема право на вакви фатални грешки и на вакво глупирање.
Тоа требало да му го објасни и неговиот пајташ Венко Филипче, кандидатот за иден лидер на СДСМ. Со него се „г’з и гаќи“, нели.
Можел нешто да му објасни и неговиот бивш советник за креирање политики, Марјан Забрчанец. И него го видовме, иако како на Национален координатор за Отворен Балкан и кандидат за државна лапанажа во следните 12 месеци, нему таму не му било местото.
Како и да е, скандалот во Атина е опомена и за новата влада на Христијан Мицкоски.
Јас мислам дека таа не треба да троши енергија на борба против Преспанскиот договор, кој веќе и де факто и де јуре е дел од домашниот правен поредок. Но, доследната имплементација на овој Договор е можна само ако тој многу внимателно се прочита и се разбере.
Импровизации и глупирања како она на Заев во Атина не се дозволени.