После две години од Договорот од Преспа, конструктивните опоненти на договорот во двете земји прифатија дека станува збор за историски договор од огромно значење за иднината на народите на двете земји, е ставот на премиерот Зоран Заев и на лидерот на опозицијата и претседател на Сириза, Алексис Ципрас на средбат вечерва во грчкиот Парламент.
Договорот од Преспа не е само решение за спорот за името меѓу двете земји, туку и договор за долгорочно стратешко партнерство и за развој на широк план на односите меѓу двете земји, заклучиле Заев и Ципрас.
На средбата било истакнато дека Република Грција и во европските интеграции на нашата земја останува силен партнер, поддржувач и лобист за успешна завршница на овој процес.
На средбата на која присуствувале и заменик-претседателот на владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, станало збор за имплементацијата на Договорот од Преспа кој во 2018 година, кога беше потпишан, направи пресврт во односите меѓу двете земји и ги откочи евроатланските процеси на Република Северна Македонија која оваа година стана членка на НАТО и ги очекува стартот на преговорите со Европската Унија, веднаш после меѓувладината конференција која треба да се одржи додека со Советот на ЕУ претседава СР Германија.
Особено значајно е што во претстојниот период се очекуваат значајни политички одлуки за олеснување на иницијативите на бизнис заедниците меѓу двете земји како што се договорите за избегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите.