Заев: Бугарите треба да се впишат во Уставот
РС Македонија прeд членството мора да го отвори Уставот и наш став е сите помалку бројни народи во нашата држава да бидат впишани, вклучително и бугарскиот и хрватскиот народ, рече Заев.
Бугарскиот и хрватскиот народ треба да се впишат во Уставот, рече денеска премиерот Зоран Заев по средбата со неговиот бугарски колега Стефан Јанев во Софија, одговарајќи на новинарско прашање.
– РС Македонија прeд членството мора да го отвори Уставот и наш став е сите помалку бројни народи во нашата држава да бидат впишани, вклучително и бугарскиот, хрватскиот народ не е впишан – имаме хрватска заедница и други заедници кои што ги немаме. Нашиот Устав е создаден 1991 година и тогаш покрај македонскиот, албанскиот народ, впишани се и Бошњаците и Србите, и Турците, и Власите и Ромите и вика и другите народи. Ако сакаме да бидеме земја членка на ЕУ треба да имаме европски устав во којшто по примерот на една Хрватска, на пример, ќе ги впишеме и другите народи – рече Заев на прес-конференцијата во Софија.
Тој оцени дека во атмосфера на доверба заедничката комисија ќе работи поефикасно за да се постигне договор за уште историски личности или периоди.
– Имаме постигнато договор за пет историски личности и за три историски периоди. Впрочем, заедно ги славиме. Нашите двајца претседатели беа во Ватикан и се поклонија пред Светите Кирил и Методиј, како што се и Свети Климент и Наум, како што е и цар Самоил. Таквите успеси треба да нѐ мотивираат да одиме и понатаму затоа што низ овие експертски комисии тие работат на основа на факти и работат на основа на сознанија – рече Заев.
Потоа, додаде тој ќе следува имплементација во учебниците за младите генерации да учат за историската вистина за која се усогласиле двете земји.
– Историјата е важна поради тоа што е основа за подобра сегашност и најдобра иднина. Еден паметен човек рекол за да ги отвориме прозорците на иднината мораме да ги подзатвориме малку вратите на минатото. Не да ги затвориме, да ги подзатвориме оти во спротивно ќе се јави провев кој што ќе ја издува сегашноста, а и посебно иднината. Ние им должиме иднина на младите и на децата и треба да работиме на таа иднина – нагласи Заев.
Тој рече дека земјава нема проблем со отворање на своите историски архиви.
– Ние немаме проблем со отворање на нашите историски архиви. Денеска приложивме декларација од 2006 година што е донесена од нашиот македонски Парламент, осудувања на постапките од времето од 1945 до 1990 година кои се случувале врз сите граѓани од тогашниот комунизам, вклучително и граѓаните со бугарска определба во државата. И немаме дилема дека секое време имало свои специфики во сите земји, така и во РС Македонија – рече Заев.
Премиерот Заев напомена дека земјава во моментов има и свој специјален претставник во Бугарија, а во тек е и постапка за именување амбасадор.
– Ние имаме секако овде и специјален претставник, Владо Бучковски кој доаѓа и разговара. Во постапка сме на именување амбасадор зашто консултациите кај нас покрај со претседателот на државата коалиционо внатре траат, а имаме и мултиетничка коалиција, а и коалиција од 26 политички партии и на крајот тоа поминува и низ Парламентот каде што претседател на Комисијата е еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. Не е ова лесно да го направиме и затоа и специјален претставник избравме, Бучковски, кој може да биде од помош и тој е често тука. Тој е универзитетски професор и доаѓа тука и навистина е од помош и верувам дека помага дефинитивно – нагласи премиерот Заев.