ЗАЕВ БЕЗ ПОДДРШКА Никој не застана зад неговиот предлог за бришење на „бугарски“ пред „фашистички окупатор“

Премиерот не е сам само во Скопје. По првичната еуфорија во Софија, бугарски политичари сметаат дека предлогот на Заев е недоволен. Влијателниот европратеник Џамбаски изјави дека му личи на „купопродажна зделка во стилот на Тито“.

7,527

Премиерот Зоран Заев имаше тешка политичка недела. Ниту еден сериозен историчар не ја поддржа неговата идеја за бришење на придавката „бугарски фашистички“ при именување на окупаторите на Македонија во Втората светска војна, иако тој ја убедуваше нацијата дека спорен е само делот „бугарски“, бидејќи не може цела една нација да се обвини за фашизам. Остана нејасно зошто премиерот го прифаќа ставот на актуелната политика на Софија, според кој луѓето во Македонија ја обвинуваат денешна Бугарија за историскиот факт дека во почетокот на војната, бугарската влада склучила пакт со Хитлер, ја окупирала денешна Македонија и вршела терор и репресалии врз населението.

Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, се обиде да ја релативизира изјавата на Заев. Тој, во интервју за телевизија Сител, рече дека изјавата на македонскиот премиер за бришење на придавката „бугарски“ од „фашистички окупатор“ на спомениците и во учебниците била „порака до Бугарија дека за историско помирување помеѓу двата народа треба да се разговара“.






– Оваа изјава на нашиот премиер јас не ја гледам како изјава која веднаш ќе биде спроведена и со која веднаш од утре ќе се тргне на терен, да се бришат некои придавки од она што е досега востановено. Повеќе јас ја гледам таа изјава како обид, порака до другата страна, дека во однос на историското помирување помеѓу македонскиот и бугарскиот народ треба да се разговара, треба да се разговара за сите болни прашања кои постојат меѓу нас и нив и дека тоа е решението да дојде до помирување – рече Ѓоргиев.

Штом Спасов зина против Заев …

Но, дека Заев ќе остане без поддршка и од македонските научници кои му се политички блиски стана јасно кога јавно се огласи професорот Ѓорги Спасов. Имало ли бугарски фашисти во Македонија во време на Втората светска војна, како што имало и италијански фашисти и германски нацисти и фашисти? Имало, напиша на Фејсбук Спасов и аргументираше:

Ѓорги Спасов: Тоа е историски факт!

 

– Тоа е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници. Ако на некој споменик во Македонија пишува дека тој и тој народен херој е убиен од бугарските фашисти во време на Втората светска војна, тоа не треба да ги навредува Бугарите, освен ако сметаат дека за време на Втората светска војна не постоеле бугарски фашисти и окупатори на туѓи територии, туку само „ослободители и администратори. Тие може да сакаат да си ја разубавуваат својата национална историја со многубројни фалсификати, но ние во име на жртвите во борбата против фашизмот тоа не смееме да го прифатиме, особено не како услов за членство во ЕУ. Можно е само да допишеме таму кај што треба дека се тоа жртви на бугарските фашисти од време на втората светска војна и ништо повеќе – напиша Спасов.

Пропагандата на СДСМ веднаш го распна Спасов за оваа изјава. Бранко Тричковски, колумнист на Фронтлајн, на Фејсбук напиша:

– Дир Ѓорѓи! Не можам да ти опишам колку ми е драго што на времето сум се дружел со македонски патриот каков што си ти. Од шалабајзерски калибар. Да не се заебаваме. Кој сериозните теми ги лиже како што кучето си ги лиже јајцата. Да те стрелале тебе во 1943, знаеш ли што ќе напишев јас на твојот споменик? Не? Јас ќе ти кажам. „Тука почива Ѓорѓи, големиот син на македонскиот народ, свирепо убиен од страна на клетите и крволочни, зверски, бугарски фашисти на царот и свитата, заедно со домашните предавници, однародени души и вечната стремеж на Бугарија против Македонија“. Вечно благодарната Татковина …

Никола Димитров сака да зборува за вистинската тема

Но, дека Заев сепак е сам со својата идеја стана јасно кога на оваа тема проговори и министерот за евроинтеграции Никола Димитров, еден од архитектите на Преспанскиот договор.

– Во принцип, Договорот за пријателство со Бугарија беше владите, политичките лидери да се занимаваат со сегашноста и со иднината, а историчарите со историјата. Тоа што политиката може да го прави е да создаде поволна клима – општествата, академските кругови, членовите на комисијата за историски развојни прашања да разговараат слободно и отворено. Тоа што се случи е – односот се измести, бидејќи Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот којшто зборува дека Софија ќе ни помага на европскиот пат, нема да ни одмага, најмалку пак ќе нè блокира. Ние доживеавме две вета, доживеавме и проблематизирање на нешто што е многу внатрешно, нашиот јазик – македонскиот јазик на европско ниво и во таа смисла овие чекори го направија вистинскиот искрен дијалог многу тежок. Тоа е главниот проблем во овој момент.

Никола Димитров: Негирањето на македонскиот јазик е клучна тема

 

Иако софиските медиуми прогласија некаква победа по предлогот на Заев, се чини дека тој нема да ги задоволи софиските политичари. Влијателниот бугарски европратеник Ангел Џамбаски, на пример, ја исмеа изјавата на македонскиот премиер:

– Браво Заев. Станувате сè повеќе политички агилни во вашите изјави за Бугарија. Но, некако ми звучи како купопродажна зделка, во стилот на Тито. Немало да се променат учебниците по историја, туку само „бугарскиот фашистички окупатор“ ќе се раздели со неговиот етнички тон. Генијално, ова ги решава сите проблеми на вашиот образовен систем. Нека останат вашите фалсификати и кражби на историјата. Наместо фашистички окупатори, вашите деца ќе учат за Бугарите дека тие се Монгол-Татари. Фер е, нема збор. Сега Бугарија ќе мора сериозно да ги промени учебниците, бидејќи, како што гледате, во нив забележавте „одредени слабости“. И ние знаеме дека историската вистина е најголемата слабост за вас и за вашата клика. Мора да биде кристално јасно дека нема да ја смениме нашата историја за да му биде удобно на еден политички шмекер. Нашата историја не се менува и не се продава затоа што ја зачувува нашата национална чест – напиша Џамбаски на Фејсбук.

Заев измисли и „нацистичка Бугарија“?!

Најден во небрано, Заев се обиде да ја дообјасни својата изјава и при тоа направи низа нови грешки, меѓу другото воведувајќи нов „историски наратив“, тој за некаква „нацистичка Бугарија“.

– Јас, моите деца и моите родители сме учеле дека Втората светска војна е настаната под организација на нацистичка Германија, на која се приклучила нацистичка Италија, а потоа и други земји. Точно е дека тогаш се приклучила и нацистичка Бугарија и тука не треба да има дилема. Но, тоа била нацистичка Бугарија и не е истата како сегашна Република Бугарија.

Заев се обиде да дообјасни дека неговиот предлог не е за бришење на историјата.

– Бугарија тогаш донела одлука да стапи во пакт со фашистичките земји, а Македонија во тоа време донела одлука да им се приклучи на антифашистичките сили. И тука нема дилема. Фашизмот останува и нема да биде отстранет ниту еден споменик. Сите си го знаеме нашето минато, горчините и предавствата. Но, од нас зависи дали ќе стиснеме заби и ќе влеземе во Европа, давајќи им шанса на идните генерации. Ние ги носиме одлуките и ние одлучуваме како да живееме во иднина и како да ги креираме нашите патишта.

Што предлага Еврејската заедница?

Единствена што сериозно „стисна заби“ во меѓувреме е Еврејската заедница во Македонија. Познато е дека таа смета дека денешната власт во Република Бугарија има морална обврска да ја признае вината и да ја преземе одговорноста, по примерот на многу европски држави кои биле на погрешната страна за време на Втората светска војна, за злосторствата кои нивните претходници, пронацистичката влада, ги направиле врз еврејското население во окупираните територии за време на Втората светска војна. Република Бугарија, со укинувањето на пресудите во 1996, донесени од Народниот суд во 1945 и со аболицирање на злосторниците од Втората светска војна, свесно ја прикрива својата мрачна историја и со тоа ја искривува вистината за холокаустот што го направија нивните претходници врз еврејското население во окупираните територии, сметаат потомците на македонските Евреи, жртви на холокаустот.

Па сепак, токму Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, во заедничка реакција, посочувајќи дека не се согласуваат со намерата за бришење на етничката припадност во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, ппредложија наместо бришење на терминот „бугарски“ да се додадат термините „тогашен“ и „власт“ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор би се атрибуирале на „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“.

Заев со нова мантра: И Русија и Кина имаат интереси во Македонија

 

Но, се чини дека тоа нема да ги задоволи амбициите на македонскиот премиер, кој се надева на поместување на ставовите на ЕУ во октомври и при тоа воведува нова тема на маса – ги опоменува Европејците дека „Кина и Русија, исто така, имаат економски интереси на овој простор, што не мора нужно да имаат врска со европските и демократските вредности“.

 

Поврзани содржини