Заев ја прошета довербата во Собрание, Мицкоски во изолација планира пресврт
Тоа што Заев ја користи состојбата на мојата изолација поради ковид-19, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање од власт. Прашањето за доверба следниот пат ќе го постави опозицијата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Гласањето доверба на еден шверцерски начин, без дебата, само потврдува дека Зоран Заев не е сигурен во своето парламентарно мнозинство, но и тоа дека нема ништо од најавите за негово зголемување. Вака лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги оценува вчерашните 62 кренати раце кои му дадоа поддршка на премиерот, откако претходно тој самиот побара од пратениците да го сторат тоа.
– Ќе ги изненадеше Заев сите доколку го решеше проблемот со вакцините или доколку направеше некаков проект или донесеше странска инвестиција. Но, човекот продолжи да го прави тоа што го умее, а тоа е мафијашко византиство. И тука морам да бидам искрен, не сум ниту изненаден, ниту неспокоен. Тие византиски игри и сплеткарања многу брзо ќе му се вратат како бумеранг. Јас можам да ги советувам граѓаните да бидат спокојни. Гласањето доверба на еден шверцерски начин и без дебата само потврдува дека Заев не е сигурен во своето мнозинство – вели Мицкоски за Дојче веле.
Тој тврди дека Владата е на стаклени нозе и дека дише на апарати.
– Што се однесува на тезата дека со ова си купил мирно владеење, вистината е дека си купил уште броени денови за Владата која стои на стаклени нозе и дише на апарати. Тоа што ја користи состојбата на мојата изолација поради ковид-19, сакам да знаете дека не го спасува од паѓање од власт. Прашањето за доверба следниот пат ќе го постави опозицијата во моментот кога ќе обезбеди 65 пратеници кои ќе се потпишат. Тоа ќе биде денот кога сите негови актуелни закани, уцени и притисоци врз пратеници ќе паднат во вода. Оваа власт ќе падне. Првиот сериозен знак за тоа го видовме и сега. Заев сам беше принуден да го постави прашањето за доверба. Следниот пат истото тоа прашање ќе го поставиме ние – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Плусинфо вели дека освен за да ѝ се затне устата на опозицијата, вчерашното гласање доверба за премиерот Зоран Заев го доживува како обид да се рестартира функционирањето на Собранието кое веќе подолго време е закочено.
– Поради тоа што е тесно парламентарното мнозинство, постојано се поставуваа шпекулации дали премиерот ја има или ја нема довербата од пратениците. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ секојдневно најавува дека секој понеделник, кај и да е, ќе се формира ново парламентарно мнозинство. И поради тие шпекулации, Собранието стана нефункционално. Јас ова го доживувам како обид да се затворат тие гласини, односно до јавноста да се испрати политичка порака дека мнозинството е хомогено и координирано. Исто така, ова го гледам и како обид да се рестартира функционирањето, односно присуството на сите пратеници од парламентарното мнозинство на седниците на Собранието. Сега треба да оставиме на времето за да видиме дали тоа парламентарно мнозинство ќе се задржи и дали вчерашниот потег на Заев ќе му ја врати функционалноста на Собранието. Сигурно дека импулсот ќе биде во таа насока, меѓутоа сметам дека ќе останат основните проблеми на коалицијата, а еден од тие проблеми е тоа што таа е со тесно мнозинство и со многу шарени партии внатре. Можеби ова привремено ќе функционира, но ако не се откочи процесот за пристапување кон ЕУ, тогаш нема да има што да ги држи на куп сите партии. На земјава ѝ е потребен еден крупен импулс како што е почетокот на преговорите со ЕУ, кој може да го хомогенизира парламентарното мнозинство за една заедничка цел. Ако тоа не се случи, сите овие проблеми ќе продолжат – објаснува Арсовски.
Од СДСМ утрово уште еднаш потврдуваат дека мнозинството во Собранието е стабилно и дека власта на Зоран Заев има силна поддршка.
– Мицкоски реди порази, се распаднаа лагите, мнозинството е стабилно, се ниша само ВМРО-ДПМНЕ. По дебалкот што му се случи со правдата, нов дебакл на Христијан Мицкоски за само една недела. Како меур од сапуница испукаа лагите на Мицкоски, се покажа нестабилно е само неговото ВМРО-ДПМНЕ. Два дебалка со две јасни пораки за Мицкоски: кој брани криминал ќе биде казнет од правдата, а кој лаже народ, ќе биде казнет од граѓаните – велат од СДСМ.
Од Иницијативниот одбор за одржување вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека власта наводно обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои вчера не гласале само поради тоа што немало потреба.
„Вчера секој искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ очекуваше триумф. Му веруваше на сè уште актуелниот претседател Мицкоски и очекуваше новото парламентарно мнозинство, кое што тој велеше дека го има, да му изгласа недоверба на Зоран Заев. Партиските членови добија ладен туш. СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Нема член на ВМРО-ДПМНЕ кој не се почувствува излажан, изманипулиран, потценет. Се виде дека Мицкоски свесно ширел еуфорија дека успеал да обезбеди мнозинство, иако знаел дека тоа не е вистина“, се вели во соопштението на Иницијативниот одбор.