Заев: 15 јули, среда е последен датум за избори, Мицкоски се согласи

391

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска објави дека во разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ понудил последен предлог датум за избори – 15 јули, среда, што било прифатено од Мицкоски, а понеденик и вторник, односно 13 и 14 јули да биде ден за гласање на болните и изнемоштени лица, а недела 12 јули да биде ден на молк. Наместо до 19 часот, сега ќе се гласа до 21 часот.

– Бараа средината на јули, еве им избори на средина на јули. Одговорност е да обезбедиш институции кои нормално ќе функционираат. Сите сме свесни дека сме во комплициран момен кога треба да направиме чекори за државата и за нашиот народот, ни треба активно Собрание, ни треба функционална политичка влада, само на тој начин есента може да ја дочекаме спремни и да се справиме со коронавирусот. Ајде време е да го расчистиме ова, да заврши оваа игра на нерви од која најмногу страда нарадот. За да не страда народот, го заклучуваме 15 јули како конечен и последен датум за избори – рече Заев.






Тој додаде дека овој датум е многу подобар, отколку изборите да се одржат наесен и дека очекува денеска Мицкоски, јавно да го потврди 15 јули како ден за избори.

– Овој пат изборите, наместо во недела, ќе се одржат во среда, кога ќе биде прогласена за неработен ден. На 13 и 14 јули, понеделник и вторник, ќе гласаат болни и изнемоштени, заболени од коронависус, кои се лекуваат дома или во болница, сите во самоизолација и сите хронично болни. Изборниот молк ќе почне во недела на 12 јули на полноќ – објасни лидерот на СДСМ.

Заев додаде дека од претседателот на државата Стево Пендаровски ќе биде побарана нова вонредна состојба, само за изборите.

– Натаму, граѓаните ќе кажат кој ќе се справува со ковид-19 наесен – рече Заев.

За набљудувачката мисија на ОБСЕ, Заев истакна дека тие вчера објавиле дека од 19 јуни ќе ја започнат мисијата.

МВР по службена должност синоќа до ДИК доставила податоци за сите лица кои до 5 јули навршуваат 18 години и се стекнуваат со право на глас.

– Ажурањето на избирачкиот список е фаза каде сме застанати, но тоа е процес со неколку потфази. МВР доставува список, па има јавен увид, па право на политичките партии да реагираат, па граѓаните имаат право на управна постапка. Јавниот увид е завршен и останати се уште два дена политичките партии да реагираат. Оттука треба да продолжи процесот. По службена должност МВР синоќа достави комплетиран список со сите лица кои до 5 јули ќе направат 18 години и имаат право на глас. Веројатно, сега ќе треба да испратат нов за сите лица кои ќе станат полнолетни до 15 јули – истакна лидерот на СДСМ.

Прашан дали доколку СДСМ изгуби на изборите ќе поднесе оставка, Заев истакна дека е уверен дека СДСМ ќе победи, а тоа, потенцира дека, го покажува и нивното истражувања.

Поврзани содржини