ЗАЕДНИЧКА РЕЗОЛУЦИЈА СО БУГАРИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е РУСКИ РУЛЕТ ЗА МАКЕДОНИЈА Академик Ќулавкова смета дека предлогот е крајно неодговорен

Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи, реагира академик Катица Ќулавкова.

784

Предлогот за заедничка резолуција на Македонија со Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик, сугериран од г-дин Антонио Милошоски, ја загрижува македонската научна и културна јавност и во никој случај не би требало да се процесуира официјално од македонските државни институции, реагира академик Катица Ќулавкова.

Таа изнесува повеќе причини за својот став.






„Македонскиот јазик има свој историски континуитет и развој, свој дијалектен систем, своја кодификација, свои предкодификации и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови;

– Македонскиот јазик е признаен од славистиката и во науката за јазикот во меѓународни рамки;

– Македонскиот јазик е признат од ОН уште од самото нивно основање;

– Македонскиот јазик беше и е признаен од две третини најмалку од постојните држави во светот;

– Македонскиот јазик е признаен во меѓуанародните асоцијации на писателите (Меѓународен ПЕН и др.)

– Од македонски јазик и на македонски јазик се преведени илјадници книги и автори;

– Македонското јазично прашање е заштитено и со Преспанскиот договор;

– Македонскиот јазик беше официјален државен јазик на Југославија, како и на Македонија и кога беше во составот на федерацијата и од основањето на независна Република Македонија;

– Постојат бројни лекторати за македонски јазик во Европа и светот;

– Македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање;

Затоа, да се бара од соседна Р. Бугарија да поднесеме заедничка Резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид ‘руски рулет’ за Македонија, крајно неодговорен чин.

Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи.

Подобро е македонската Влада да ги поддржи како стратешки приоритетни научните проекти за македонскиот јазик на МАНУ, Институтот за македонски јазик и други институции, да ги стимулира младите да го изучуваат и да се вработуваат соодветно, да ја шири и подобри мрежата на лекторати по македонски јазик и друго и да не дозволи импровизација со политички партии, групации и лоби групи во Европскиот парламент“, напиша академик Ќулавкова на својот профил на Фејсбук.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, минатата недела изјави дека ако Бугарија тврди дека проблемот на отпочнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ се само Бугарите во Уставот, Скопје предлага да се поднесе заедничка Резолуција во Европскиот парламент, со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик.

– Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја даде оваа отворена понуда до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада. Доколку пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно со соседна Бугарија да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Уште веднаш можеме да поднесеме заедничка резолуција, да ја зацврстиме меѓусебната соработка на овој план и да го решиме проблемот за отпочнувањето на европските интеграции – рече Милошоски.

МАКЕДОНИЈА ЈА КАНИ БУГАРИЈА НА ЗАЕДНИЧКА РЕЗОЛУЦИЈА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Ајде заедно да ја нагласиме посебноста на македонскиот идентитет и јазик, повикува Милошоски

Поврзани содржини