Сите учебници кои досега се одобрени за користење од Националната комисија за учебници се испечатени и интезивирана е нивнат аиспорака до училиштата. Согласно акцискиот план, целосно завршена е испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата, соопшти Министерството за образование.
„Процесот на испорака на сите учебници кои се одобрени, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Оние пак кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на месец септември, односно веднаш откако ќе ги поминат сите фази на процесот на одобрување. Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за учениците и прирачници за наставниците кои ќе бидат објавени во електронски формат на веб страната на Бирото за развој на образованието во чија и сопственост се истите“, наведуваат од МОН.
Оттаму додаваат дека задолжените оператори за испорака на учебниците се максимално ефикасни и дека во координација со училишните служби работеле и за време на викендите, а ќе работат и во претстојниот викенд.