ЗАБРАНЕТ УВОЗ НА ПИЛЕШКО ОД БРАЗИЛ Директорот на АХВ најавува засилени контроли на храната летово
АХВ претходно забрани увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари од Албанија.
Забранет е увоз на пилешко месо од Бразил поради птичји грип, потврди денеска директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов.
Миланов потсети и дека пред пет дена, за спречување на можноста од ширење чума кај малите преживари (PPR), АХВ забрани увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и емброни од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари од Албанија.
Досега, информира директорот, во рамки на контролите што АХВ ги спроведува со полицијата, откриен е и шверц на живи животни.
Во однос на храната што ја консумираме, тој уште еднаш нагласи дека е безбедна и најави засилени контроли поради летниот период, особено во туристичките места.
-Никаде во светот и никој не може да гарантира дека јадеме безбедна храна. Граѓаните јадат безбедна храна, сега со зголемување на температурите зголемен е и бројот на туристи и на транзит, а Агенцијата покрај редовните, врши и вонредни надзори. Периодов акцент ќе биде ставен на туристичките места како Струга, Охрид, Преспа, Дојран,… – рече Миланов.