ЗАБОРАВИ ГИ СТРУМИЧКИТЕ ФИНТИ Ласовска: Ковачевски нема легитимитет од избори, Георгиевска: Како Мицкоски ќе правеше влада без истиот легитимитет?

Пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ му порача на мандатарот Ковачевски „да не ги применува струмичките прочитани финти и лаги и да најде заеднички јазик со опозицијата“.

809

Парламентарното мнозинство се обидува да ни каже дека овој мандатар и влада е нова свежина и надеж за Македонија, а не продолжение на заевизмот, а самиот мандатар повеќе се осврна на легтимитетот отколку на визијата за справуавање со проблемите. Мандатарот Ковачевски не учествувал на избори, ниту побарал доверба и го нема народниот легитимитет, рече Благица Ласовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ на вториот ден од собраниската расправа за составот на Владата предводена од Димитар Ковачевски.

Според неа, најголем дел од министрите остануваат и се продолжение на хибридниот режим кој беше поразен на локалните избори пред неколку месеци.






– Преговорите за оваа Влада не ги водеше Ковачевски, туку Заев. Ковачевски беше само статист. Најголема симболика за старо новата влада е есцајгот. Начинот на владеење на претходникот и останувањето на старите заеви кадри испраќа порака дека стариот монарх му ги предава златните лажици на новиот. Оттука и хедонистичка порака која вели дека од вашите пари, ние самонаречената елита, ќе ве ограбуваме, уживаме, ќе владееме, а вие, плебсот ќе тонете во сиромаштија, ќе гладувате, мрзнете и ќе молчите. А додека молчите и ги губите животите во распаднатите болници очекуваме аплауз. Ете зошто есцајгот е врв на иронијата, лудориите на старо новата власт – рече Ласовска.

Оттука, по падот на власта, додаде таа, треба да се продаде есцајгот на аукција како прибор од кој јаделе последните дикатори од СДСМ.

– Никола Димитров кажа дека дека нема доверба и бил сведок на спремноста на Заев и на Османи да попуштат во преговорите со Бугарија. На страна моето мислење за него, тој 5 години е дел од Владата, а 18 години дел од дипломатските процеси и ова не е само црвен аларм, туку е и голем пожар пред да биде фрлено чкорчето за тотално велепредавство – кажа Ласовска.

На мандатарот Ковачевски, таа му порача „да не ги применува струмичките прочитани финти и лаги и да најде заеднички јазик со опозицијата“.

Пратеничката на СДСМ Марија Георгиевска при реплика во врска со кредибилитет и легитимитет на новата Влада од собраниската говорница истакна дека во демократиите во светот неретко е власта на Владата да ја има една политичка опција, а опозицијата да ги добила локалните избори и никој не слушнал дека некој го оспорува легитимитетот.

– Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред некое време најави дека ќе се обиде да формира ефикасна политичка влада, која ќе биде способна да ги решава предизвиците и тоа ќе го направи доколку биде сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет и влада со силни институции. Одговорете ми од каде ќе го извлече легитимитетот, а не беше на листите за парламентарни избори – реплицираше Георгиевска.

Таа нагласи дека владата ја гласа парламентарно мнозинство, кое де факто го има и не ретко се случува во владата да има коалиции, некој да ја напушти или некој да влезе.

Поврзани содржини