Ѝ ЗАБЕЛЕЖА НА ВЛАСТА ДЕКА ТРОШИ ПАРИ НЕПРОДУКТИВНО, ПА СЕ ПОФАЛИ СО АМАНДМАН ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ Филипче соопшти дека СДСМ ќе има 200 амандмани на буџетот
Лидерот на СДСМ и пратеник вели дека буџетот за следната година ќе биде генератор на нови долгови и уште една изгубена година за економијата и за граѓаните,
Предлог Буџетот за 2025 година е првиот буџет што оваа Влада го предлага, и токму во него граѓаните очекуваа политики кои ќе донесат подобар живот и економски развој. Но, наместо тоа, добивме документ без визија и креативност, кој е нереален, неразвоен и недомаќински, со цел да ги задоволи само предизборните активности. Овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и уште една изгубена година за економијата и за граѓаните, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
– Овој буџет, како што е предложен, е скроен да ги задоволи потребите на власта, а не на граѓаните. Со раст на БДП од 3,7% што Владата го предвидува, а кој нема шанси да биде постигнат, овој буџет е уште еден обид за замајување на јавноста – рече Филипче.
Тој нагласи дека и проекциите на Народната банка и Светската банка се под овие бројки, со што станува јасно дека овие бројки нема да донесат реален економски раст, туку зголемување на јавниот долг.
– Сите овие податоци покажуваат дека Владата е подготвена да ги задолжува граѓаните до следните три поколенија, без да создаде развој – рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, власта со својот прв предлог буџет постапува незаконски, со дефицит од 4% од БДП, спротивен на законските ограничувања кои дозволуваат максимум 3%. Со ваков пристап само го оптоваруваме буџетот, што на крајот ќе значи зголемени даноци или кратења на јавните услуги за граѓаните.
Тој ја критикуваше Владата за зголемување на непродуктивните трошоци и кратење на капиталните инвестиции во клучни сектори како здравство и образование и не предвидела значајни средства за модернизација на енергетски капацитети, гасификација или проекти за енергетска ефикасност.
Фиипче информира дека СДСМ нема да гласа за ваков буџет и дека поднесе 200 амандмани кои целат кон подобрување на клучните фискални политики.
– Преку овие амандмани, ние предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, посебно во образованието, полицијата и за пожарникарите, како и инвестиции во напредни технолошки средства за подобрување на безбедноста на граѓаните – истакна тој.
Според амандманите, СДСМ предлага одвојување на 3,5 милијарди денари од Буџетот за следната година за зголемување на платите во јавниот сектор. Со амандман којшто се однесува на образованието, СДСМ предлага издвојување на 996, 4 милиони денари за зголемување на платите на наставниците од основно и средно образование. Во полицијата, со амандман СДСМ предлага покачување на платите од 20%, додека, пак, за платите на пожарникарите да се издвојат 1.милион денари во Буџетот за 2025 година.
Филипче посочи и на амандманите за здравство, кои се насочени кон подобрување на медицинската инфраструктура и услуги, како и инвестиции во нова опрема и обука на медицинскиот персонал. Дополнително, амандманите во делот на енергетика и животна средина се насочени кон еколошки и одржлив развој, вклучувајќи субвенции за електрични возила и поддршка за проекти за производство на водород.
-Нашите амандмани ќе придонесат за рамномерен и одржлив развој и ќе ја поттикнат македонската економија кон вистински напредок. Веруваме дека ова е буџет што може да одговори на реалните потреби на граѓаните, но само со конструктивни измени и зголемени капитални инвестиции – рече Филипче