ЗА ВЛАКНО ИЗБЕГНАВМЕ НУКЛЕАРНА КАТАСТРОФА Зеленски ја обвини Русија за вчерашниот инцидент во Запорожје

Доколку персоналот на нашата нуклеарна централа не реагираше по прекинот на електричната енергија, ќе бевме принудени да ги надминеме последиците од несреќата со радијација. Русија ги стави Украина и сите Европејци на работ на катастрофа со радијација, рече Зеленески во вечерното обраќање.

221

Европа и Украина за малку избегнаа нуклеарна катастрофа во централата Запорожје, во која вчера изби пожар, рече украинскиот претседателот Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до граѓаните. Плусинфо веќе пишуваше за пожарот кој во текот на денот ги вклучи алармите во централата. Она што е ново дека Зеленски ја обвини Русија која со своето гранатирање го предизвикала пожарот во јамите за пепел на блиската електрана на јаглен, што ја исклучило струјата во Запорожје.

Зеленски ги пофали украинските техничари кои веднаш реагирале и ги вклучиле помошните дизел генератори за централата да може да се напојува со струјата и за да бидат во функција системите за ладење и безбедност. Техничарите уште се под надзор на руската војска.






– Доколку персоналот на нашата нуклеарна централа не реагираше по прекинот на електричната енергија, ќе бевме принудени да ги надминеме последиците од несреќата со радијација. Русија ги стави Украина и сите Европејци на работ на катастрофа со радијација – рече претседателот во вечерното обраќање.

Слични обвинувања стигнаа и од руската страна. Владимир Рогов, службеник назначен од Русија во окупираниот град Енерходар во близина на централата, ги обвини украинските вооружени сили за шумскиот пожар во близина на централата. Тој рече дека градовите во областа биле без струја неколку часа.

„Тоа беше предизвикано од исклучувањето на далноводот и нуклеарната централа Запорожје како резултат на провокациите на борците на Зеленски“, напиша Рогов на Телеграм.

„Самото исклучување беше предизвикано од пожар и краток спој на далноводите“, додаде тој.

Украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“ соопшти дека тоа е прво целосно затемнување на централата, која стана точка на удар во шестмесечната војна.

Обединетите нации бараат пристап до објектот и повикаа областа да се демилитаризира. Официјални лица на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се „многу, многу блиску“ до посета на Запорожје, изјави вчера главниот директор на агенцијата Рафаел Гроси.

Поврзани содржини