ЗА УШТЕ КОЛКУ „ПАРАЗИТИ“ ВО РЕДОВИТЕ НА СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ СЛУШНАТ ГРАЃАНИТЕ? Ковачевски и Муртезани земаат плата од 1.700 евра, а колкава земал Томовски
СДСМ, пак, преку соопштение возврати дека и Ивица Томовски и жени и деца на функционери на ВМРО-ДПМНЕ земале високи плати и хонорари.
ВМРО-ДПМНЕ во рамки на аферата „Паразити“ денеска информира дека меѓу функционерите и советниците кои земале високи износи на плати и хонорари, а ништо нe работеле се и дректорите на ЕСМ и МЕПСО Васко Ковачевски и Орхан Муртезани. И двајцата, како што рече денеска на пресконференцијата членот на ИО на партијата Ивица Томовски се наградени со 1.700 евра месечно нето плата.
СДСМ на ова реагира со информации за слични плати и хонорари на функционери, жени и деца на функционери со слични плати од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ковачевски и Муртeзани се паразитите во ЕСМ и МЕПСО. ЕСМ на ден купува и над 3.000 мегават часа струја, по цени и над 250 евра, тоа се 750.000 евра на ден кои се одлеваат како девизи од државата, а тоа е така затоа што не работат РЕК Битола и РЕК Осломеј со полн капацитет. Но, тоа не е проблем Ковачевски да зема плата од 1.700 евра месечно, односно над 20.000 евра годишно. Ковачевски за еден мандат ќе ја чини државата над 80.000 евра, придонесот негов не е ниту нула, туку е далеку под нула. Исто така и Орхан Муртезани, кој како државен паразит зема 80.000 евра плата за еден мандат на чело на МЕПСО.
– рече Томовски.
Томовски рече дека во енергетскиот сектор има уште еден паразите а тоа е Бајрам Реџепи, извршен директор на Национални енергетски ресурси (НЕР).
-Тој месечно зема 1.300 евра плата, и за една година од оваа државна компанија наплаќа 15.000 евра. Реџепи од НЕР, за еден мандат ќе ја чини државата 60.000 евра, а никој не знае кој е неговиот придонес –вели Томовски.
Тој праша кој е придонесот на сите директори во енергетските претпријатија кои ја чинат државата стотици илјади евра, а Македонија дневно одлева по 750.000 евра за купување на струја за регулираниот пазар? Што сработиле Ковачевски, Муртезани и Реџепи за Македонија? И за граѓаните од чии даноци земаат плата од десетици илјади евра годишно?
Томовски рече дека не смее да има преплатени работни места и мора да има резултати.
-Функционерите на власта, паразити кои немаат никаков придонес за државата се луѓето кои сакаат оваа власт да остане, за да можат да продолжат со луксузниот живот. А народот е тој кој бара промена за да има подобра иднина. Затоа потребни се предвремени парламентарни избори – рече Томовски.
СДСМ на ова преку соопштние возврати дека ВМРО-ДПМНЕ е партија на паразити.
„Во време на режимот, над 93.000 евра народни пари завршиле кај сегашниот шеф на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а над 67.000 евра завршиле кај неговата блиска соработничка Гордана Димитриевска Кочовска. Ивица Томовски, човекот кој секојдневно од белиот дворец зборува за паразити е вистинскиот паразит кој како управител на АД ЕЛЕМ Турс само од плати добил над два милиони денари или над 30.000 евра народни пари. Но пари од граѓаните Томовски добивал и пред да биде назначен на функцијата и тоа преку фирмата Сити логистик каде бил управител.Компанијата на Томовски од АД ЕЛЕМ, односно од Мицкоски добила тендери во вредност од над 3,6 милиони денари или речиси 60.000 евра“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Од партијата велат дека многу позагрижувачко од тендерите се фактурите во готово кои биле актуелни во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Еден таков документ е тој каде што на Сити логистик му било платена фактура во готово. Ова е незаконска постапка, спротивно на Законот за платен промет, а таквото незаконско постапување било нотирано и во ревизорските извештаи.Која била целта на незаконската исплата на фактури во готово и каде завршиле парите, треба да кажат Мицкоски и Томовски“, стои во реакцијата.
Од СДСМ наведуваат повеќе примери луѓе од ВМРО-ДПМНЕ кои земале плати и хонорари.
„Меѓу нив се и сопругите на поранешните генерални секретари на Владата, Кирил Божиновски и Мартин Протуѓер, вработени во Агенцијата за електронски комуникации, како и деца на поранешни министри, пратеници и градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ вработени на високи позиции во државните и јавните претпријатија.Додека платите на работниците во тоа време на ВМРО-ДПМНЕ беа 20.000 денари а минималната плата 8.000 денари, функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивни блиски роднини, се богателе на грбот на граѓаните кои цели 11 години беа заглавени во долгови и сиромаштија“ се наведува во реакцијата.