За триесетте години што ги изедоа скакулци и други штеточини
Она што шокира и создава огромна мачнина во овој исказ на професорот по политичка филозофија, е што во него на најперфиден начин се промовира и се брани не само големобугарската агресија врз Македонија и нејзината омраза кон сѐ она што е наследство од НОБ и Титова Југославија, туку и се афирмира и се поддржува и Путиновата воена инвазија на Украина.
Гледајќи вака од далеку што се случува во Македонија, распадната и албанизирана, и со сериозни агресивни напори од разно разни политички лицемери и фарисеи таа да се бугаризира во името на светлата иднина и живот во ЕУ, често се поставува прашањето вреди ли во таква проституирана атмосфера да се пишува. И кому да му се пише кога таа претенциозна, но во суштина неписмена или, уште полошо, полуписмена камарила составна од умислени професори колумнисти, примитивни политичари, превртливи и алчни новинари манипулатори, ниту чита ниту слуша ниту пак знае што е тоа државен и национален интегритет и како тој се брани и негува. А за нивниот личен интегритет и морал воопшто нема потреба ни збор да се каже.
Меѓутоа и покрај тоа што мислењето, зборот и критичкото пишување и размислување се одамна осудени и стигматизирани од македонската „прогресивна елита“, сепак должни сме пред самите себе да не молчиме (молкот е соучество, рекол некој умен) и од време да ги соочиме тие „корифеи“ на патот кон ЕУ во Македонија со нивните небулози, лаги и манипулации. Односно да укажеме дека нивните зборови/писанија, имаат и скриени значења и пораки, кои на ниво на психолошко делување на читателот треба да влијаат на неговото однесување, а со тоа како крајна цел и да го забрзаат/довршат растурањето на Македонија.
Такви примери на манипулативно пишувања има многу. Листата на такви написи е така малку подлога. Од таа листа овде ќе се задржиме само на едно неодамнешно писание во кое на суптилен начин, во поттекстот на кажаното/пишаното ни се сугерираат нешта кои се во спротивност не само со елементарните човекови права и слободи, со она што како хумана одлика го воздигнува човекот и го прави човек, туку се и во спротивност и со важечката и прокламирана ЕУ и НАТО определба на македонската само-деструктивна власт.
Но да не должиме.
Во една неодамнешна колумна на еден само-ценет професор, по повод срамната недолична, фашистичка и геноцидна агресија врз Македонија и македонскиот народ може да се прочита следново:
„[Ние, з.м.] ги отфрламе вековните законитости на меѓународната политика како да е тоа работа на избор за една држава. Па така, не прифаќаме дека, во меѓународната политика, силните го прават тоа што можат а слабите тоа што мораат; ги отфрламе научните истражувања кои покажуваат дека во над 80 проценти од конфликтите меѓу државите правото било на страната на посилниот; дека сојузите се формираат за да ги бранат интересите на своите членки а не оние на апликантите; дека постои вето; дека, како новодојденци на меѓународната сцена, ние треба да им се приспособиме на веќе постоечките интереси и сили; дека нашиот наратив, историски и секаков друг, треба да се приспособи на европскиот и светскиот а не обратно.“
Што сака да каже писателот? Што ни кажува безгрешниот, најумен, професор? Какви се неговите пораки?
Без некое големо мудрување лесно може да се заклучи дека професорот, пред сѐ, сугерира подигнување на македонски бел барјак во борбата за слобода и одбрана на своето достоинство, интегритет, национален идентитет и самостојна држава и потклекнување пред силата и неправдата.
Според горе посоченото се поставува прашањето, дали тоа професорот под притисок на лукративните влијанија на „демократска“ ЕУ каде што нејзиниот интерес е најважен од сз, ги заборавил лекциите по историја во неговата поранешна земја за која тој некогаш „грчевито се борел“. Ако ги заборавил тие лекции, да го потсетиме дека во некогашна Југославија, која што никаквици ја растурија, една од најдостоинствените нешта во живот на човекот беше многу кратко но и многу јасно изразено во само еден стих на една партизанска песна: ПАЃАЈ СИЛО И НЕПРАВДО! И таа борба за слобода против насилниците и одбраната на правда и хуманоста се добро познати во историја не само на некогашна Југославија туку во светот воопшто. Можеби професорот ќе треба да си ги обнови своите знаења од историја.
Инаку овде во Америка еден од најсилните мотиви во одбрана на своите права и слободи на секој поединец е „Stand up and fight for your rights“. Многу ме интерeсира што правел професорот додека бил амбасадор овде во ООН. Дали ја слушнал ова битна, есенцијална синтагма, која е просто модел во однесувањето на американците.
Исто така после горенаведениот цитат се поставува и прашањето, дали тоа професорот ја негира и партизанската борба во која е учесник и неговиот татко и АСНОМ. Таа борба, нејзините придобивки, и создавањето на АСНОМ-ска Македонија се резултат токму на таа морална вертикала, „Паѓај Сило и Неправдо“, со која многу борци за слобода и правда одела во смрт?
Дали тоа во текот на Втората светска војна југословенските и македонските партизани требало да потклекнат и на германските нацисти и на бугарските фашисти кои жареа и палеа низ Југославија и Македонија и оставија зад себе неброени воени злочини. И уште повеќе, дали според тезата на професорот дека „силните го прават тоа што можат а слабите тоа што мораат“ Македонците и сите они што имале и малку морал и интегритет, требало да се потчинат на агресијата само затоа што така не учела политичката филозофија. За жал, филозофија е многу често само интелектуална спекулација на Салиејривци кои се обидувале да го толкуваат светот. Животот и оние кои добро го познавале животот нѐ учат за среќа на нешто друго, а тоа е дека светот треба да се менува. И дека треба да се живее слободно, праведно, хумано и достоинственото.
Исто така, ако професорот не знае да го потсетиме дека самоодбраната, а не потклекнувањето и предавството пред силата, е една од најсилните, особини што го карактеризираат постењето на човекот. Овде во Америка ако некој му дојде дома некому и се обиде да го нападне или да го ограби, тогаш нападнатиот, може сосема слободно да пука во напаѓачот, да се брани за да го заштити својот имот. Тоа со јазикот на правото се вика самоодбрана.
Меѓутоа, она што шокира и создава огромна мачнина во овој исказ на професорот по политичка филозофија, е што во него на најперфиден начин се промовира и се брани не само големобугарската агресија врз Македонија и нејзината омраза кон сѐ она што е наследство од НОБ и Титова Југославија, туку и се афирмира и се поддржува и Путиновата воена инвазија на Украина. Односно само заменете ги имињата. Преименувајте ја Македонија во Украина, Бугарија во Русија, и ќе видете дека семантичкита структура на исказот и неговата порака остануваат исти. Што значи тоа практично? Тоа, според она што го говори во поттекстот на својот исказ професорот, значи, дека Украина како „мала“ држава мора да потклекне пред големата Русија бидејќи „во над 80 проценти од конфликтите меѓу државите правото било на страната на посилниот“ и нели „силните го прават тоа што можат а слабите тоа што мораат“. Треба ли коментар и понатаму?
Читајќи ги редовно „мудрите“ промисли на професорот кој никој не го разбира, не верувам дека оваа навидум фројдовски потсвесна агитација е случајна. Би рекол имено, дека повеќе се работи за еден континуиран процес на разградување на Македонија и на сѐ она хумано во неа. А за да се случи тоа прво мора да се пасивизира и уништи нејзиниот борбен дух. Или како што тоа го кажува познатиот англиски теоретичар Тери Иглтон за тоа како Англија, како колонијална сила, се однесувала со послабите од неа во своите освоените колонии: „Вие само бидете толерантни кон нас, а тоа што ние ви го правиме не е битно“. Односно, Давид мора да се повлече пред Голијат, од петни жили се обидува да нѐ убеди професорот.