🎥 ЗА СРЕЌА НЕ НАСТРАДАА ПОЖАРНИКАРИТЕ Изгоре единственото возило на пехчевската пожарна
Информацијата ја сподели заменик директорот на ЈП Национални шуми.
Во пожарот што вчера повторно избувна во Пехчевско изгоре единственото возило на ДПД Пехчево. Пожарникарите се добро, објави заменик директорот на ЈП Национални шуми Кире Михаилов.
– За жал ни се случи голема катастрофа. Зафатено од пламените јазици ни изгоре единственото противпожарно возило на ДПД – Пехчево, за среќа колегите пожарникари се здрави и живи, се вели во објавата на социјалните мрежи.
Од утрово пожарот се гаси од земја и воздух со хеликоптерска поддршка на АРМ, додека на терен покрај ДПД „Пехчево“ се наоѓа поголем екипаж луѓе од Пехчево и околните места.
Хеликоптерите коишто учествуваат во гаснењето црпат вода од импровизираниот базен на Градскиот стадион.
Михаилов, објави и видео на кое се гледа возилото веднаш откако огнот бил изгаснат.
„Еве ја вистинската слика за тоа што оставаат пламените јазици онаму каде ќе поминат. Ова е видео од противпожарното возило со кое денеска храбрите пожарникари се обиделе да му се спротивстават на новиот пожар над Пехчев.Среќа во несреќа е тоа што нема човечки жртви и учесниците во гаснењето поминале со помали изгореници“ напиша тој на Фејсбук.