ЗА СПОРОТ СО БУГАРИЈА Османи вели дипломатијата не е трка на 100 метри, туку маратон
Министерот надополни дека комуникацијата и натаму продолжува, и дека на последниот состанок на тимовите меѓу двете МНР имало одреден прогрес.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција пред новинарите ги објасни последните случувања и барања од страна на Бугарија за отворање на патот кон членството во ЕУ.
– Дипломатијата не е трка на 100 метри, тоа е маратон. Маратон на кој се појавуваат пречки. Шпанија 24 години чекала да стане дел од ЕУ. Но, воопшто не ја оправдувам оваа спорост на ЕУ да создаде појасна видливост на процесот. Бидејќи ние се движиме по кребилитетот, кој е тој што го движи регионот. Но, тоа не значи дека ќе се откажеме од тој пат колку и да е тежок. Не можат тие да не блокираат колку што ние ќе бидеме упорни да стигнеме до ЕУ – рече Османи.
Тој надополни дека комуникацијата и натаму продолжува, и дека на последниот состанок на тимовите меѓу двете МНР имало одреден прогрес.
– Во однос на Бугарија, нашата комуникација продолжува. На последниот состанок меѓу тимови на двете министерства, имаше одреден прогрес којшто ние се обидуваме да го читаме како шанса да се надогради прогресот, и после изборите и во Бугарија и кај нас, посуштински да се влезе за да се најде одредена формула која ќе биде во интерес за двете земји со цел да се најде решение. Но, тоа е нашиот план и нашата динамика. Јас не сакам да ги кренам очекувањата на граѓаните. Ние сме ги исполниле условите, и заслужуваме да ги почнеме преговорите. Дали ќе се постигне конснезус меѓу земјите членки на ЕУ, тоа е прашање на земјите членки – рече Османи.