ЗА ПРВ ПАТ ИМАМЕ НЕГАТИВНА БАЗИЧНА ИНФЛАЦИЈА Мицоски очекува инфлацијата да се стабилизира на 2%
Премиерот смета дека ваквите резултати се показател дека во земјата имаме добра макроекономска политика.
Забавувањето на инфлацијата на во август е добар индикатор. За прв пат, во август, имаме и негативна базична инфлација. Очекувам трендот да продолжи и во наредниот период и да стигнеме до посакуваните проценти од 2 или 2,5%, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој ги коментираше податоците за инфлаццијата на Државнниот завод за статистика.
– На месечно ниво во август имаме намалување од 4,9 на 4,4%. Очекувам тој тренд полека да продолжи и да дојдеме до оние стабилни проценти би рекол, 2, 2,5% – рече Мицкоски.
Длабинската анализа, рече Мицкоски покажува дека на месечно ниво за прв пат базичната инфлација е во минус.
– Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација која што беше главен двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни кои што ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката која што ја добиваме од одредени невладини, синдикални здруженија итн. да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс помеѓу растот на платите и инфлацијата, односно секогаш растот на платите да е повисок барем двојно да гледаме од тоа што е растот на инфлацијата. Така што во нето граѓаните да имаат подобар стандард, така ќе продолжиме без интервенционизам – рече Мицкоски.
Тој рече дека во овој период се интензивни контролите на пазарниот инспекторат и на Комисијата за заштита од конкуренција.
– Нормално не правиме од тоа естрада и парада па сето тоа да го соопштуваме пред камера, но континуирано имаме мониторинг и најмалку еднаш до два пати неделно добивам извештај од двете институции – рече Мицкоски