ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ФОТОВОЛТАИЦИ НЕ Е ПОТРЕБНО РЕШЕНИЕ ОД ОПШТИНАТА Електраната се пушта во производство со изјава на изведувачот
Министерот за транспорт и врски ги соопшти измените на Законот за градба, со кои се поедноставува процедурата за поставување фотонапонски централи на куќи, погони и згради.
Граѓаните и фирмите коишто ќе сакаат да постават фотонапонска централа на покрив на куќа, погон или зграда нема да бараат решение од општината, туку треба да ја известат општината и до неа ќе треба да ги достават само потребните документи пред поставувањето и потоа изјавата на изведувачот дека градбата е поставена според проектната документација. Ова се измените на Законот за градење кои ги претстави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Домаќинствата и малите фирми и советите на станари на станбените згради ќе можат да постават фотонапонска централа од 6 односно 40 киловати на сопствен објект, на објект даден под кирија или на станбена зграда.
– Инвеститорите до општината ќе треба да ги достават документите: лична карта за идентификација на граѓанинот или фирмата, имотен лист или договор склучен со сопственикот ако не е сопственик, основен проект или писмена согласност од станарите во зграда. Основниот проект треба да содржи општ дел и архитектонски проект – информира Бочварски.
Тој рече дека фотонапонската централа се поставува од лиценциран изведувач, а се пушта во употеба со негова изјава во која гарантира дека е изведена според проектната документација.
– Фотонапонската електрана потоа се приклучува на приклучок од ЕВН. Инвеститрот е должен изјавата да ја достави до општината и до Агенцијата за енергетика, а контролата ја вршат градежни инспектори. Неискористената енергија потоа се враѓа во електроенергетскиот систем во земјата – рече Бочварски.
Тој информира дека се прават олеснувања и на постапките кај ЕВН за приклучок на мрежата.
Бочварски апелираше пратениците да ги изгласаат овие измени на Законот за градба.
– Законот ќе се достави до собранието наредните денови, а очекувам на правата седница на собранието да се најде пред пратениците – рече Бочварски.