„ЗА ОВА НЕ СМЕЕ НИКОЈ ДА ЗНАЕ, ОТИ ГЛАВИ ЌЕ ЛЕТААТ“ Кешишев откри што му зборувал Вељо додека ја копале дупката

Четвртообвинетиот Влатко Кешишев сведочеше пред судот за подготовките и движењата на групата пред и по грабнувањето и убиствата. Детално опиша кој што возел, кој носел алат и како изгледала дупката во која требало да биде чувана жртвата.

3,462

Денеска продолжи распитот на Влатко Кешишев, четвртообвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски што се случија во ноември 2023 година.

Судијата Ивица Стефановски го испрашуваше четвртообвинетиот.






– На 24 ноември минатата година, во колку часот тргнавте во прв обид да ја грабнете жената? – праша судијата.

– Рано наутро – одговори Кешишев.

– Кога се враќавте претходниот ден со „кангуто“ во штабот, по настанот со Панче, дали видовте лопати во „кангуто“? – праша судијата.

– Мислам дека имаше лопати и копач – рече Кешишев.

На прашањето дали имаше некаков синџир во автомобилот, Кешишев одговори дека не се сеќава.

– А дали го видовте ранецот? – запраша судијата.

– Не беше позади, можеби беше пред совозачкото седиште – одговори Кешишев.

– На 24.11.2023 утрото, петок, во колку часот тргнавте, се сеќавате ли? – праша судијата.

– Мислам дека беше пред 7 часот – рече Кешишев.

– Од каде тргнавте?

– Од штабот.

– Како возевте, кој кое возило? – праша судијата.

– Вељо го возеше „цитроенот“, во него бевме јас и Боре, а „кангуто“ го возеше Палчо – одговори Кешишев.

– Тој ден, на 24.11.2023 како дојдоа во штабот Боре и Велибор? – рече судијата.

– Не можам точно да кажам – возврати Кешишев.

– Имавте со вас мотороли? – праша судијата.

– Јас немав, тие имаа. Беа три мотороли. Мобилните телефони ни беа оставено во штабот – рече Кешишев.

– Тој ден кога беше неуспешен обидот, со „цитроенот“ вие пристигнавте на паркингот пред зградата? – запраша судијата.

– Не. Вељо го паркираше возилото блиску до зградата, до скалите. Излезе и се симна долу во сутеренот, а Боре остана покрај колата на скалите, а јас отидов кон аголот од друга страна, да набљудувам – објасни Кешишев.

– Бидејќи обидот беше неуспешен, што се случи потоа? – праша судијата.

– Се вративме во штабот со „цитроенот“, а пред нас беше Палчо со „кангуто“ – рече Кешишев.

– Каде го паркиравте „цитроенот“? – праша судијата.

– Мислам дека го паркиравме во Маџари, каде што го паркиравме првиот пат – истакна Кешишев.

– Кој ве зеде вас од таму? – праша судијата.

– Палчо со „кангуто“. Велиобор седеше до него – раскажа Кешишев.

Рековте дека по настанот со Панче не сте можеле да се повлечете. Зошто? – запраша судијата.

– Бидејќи премногу знаев. Првиот пат ме опомена Вељо, кога ја копавме дупката. Рече дека за ова не смее никој да знае, може глави да летаат. Јас го сфатив тоа како опомена, дека никому не смеам да кажам – рече Кешишев.

– По неуспешниот обид за грабнување на 24.11 вие и Боре сте влегле во „кангуто“ и тоа позади. Што имаше позади, имаше ли алат? – праша судијата.

– Мислам дека лопатите стоеја сѐ уште таму – одговори Кешишев.

– Што се случуваше во недела, еден ден пред грабувањето на девојчето, односно жената? – праша судијата.

– Вечерта, не знам во колку часот, дојдоа Велибор и Боре со „мерцедесот“ на Боре – одговори Кешишев.

– Кога ги купивте ашовот, лопатата и копачот? – рече судијата.

– Не знам кој е точниот ден. Бевме да пазаруваме на Бит-пазар, зајре за храна, тутун за цигари и Палчо ми рече да одиме да купиме уште нешто и го купивме алатот. Тоа беше пред обидот за грабнување, во тој период, не се сеќавам дали пред грабувањето на Панче или после тоа – објасни Кешишев.

– Опишете го понеделникот, кога е извршено грабнувањето – рече судијата.

– Во неделата седевме во штабот јас и Палчо, стигнаа Боре и Вељо навечер. Утредента во 6 утрината тргнавме – раскажа Кешишев.

– Кој го однесе возилото од Маџари во Радишани? – праша судијата.

– Палчо и јас. Една вечер ми рече да го пренесеме возилото. Тој возеше со „цитроенот“ напред, а јас возев позади со „кангуто“. Отидовме до Радишани и таму го оставиве „цитроенот“, а со „кангуто“ се вративме во штабот – раскажа Кешишев.

– Кога стигнавте во Радишани, што се случуваше? – праша судијата.

– Јас, Велибор и Боре влеговме во „цитроенот“, а Палчо со кангуто тргна напред. До Радишани сите четоворица стигнавме со „кангуто“, Палчо возеше, Велибор седеше до него, а вообичаено, јас и Боре бевме назад – одговори Кешишев.

– Имаше ли алат?

– Мислам дека лопатата, ашовот и копачот сѐ уште беа таму – рече Кешишев.

– Ќе ве вратам сега малку кај Рудник. Вие не сте биле во моментот кога е убиен Панче? – праша судијата.

– Бев далеку и не знам што се случуваше – одговори Кешишев.

– Но, бидејќи бевте постојано во партијата, дали дознавте што се случи со телото на Панче? Дали веднаш беше затрупано?

– Не знам дали беше затрупано, само слушнав од нив дека е убиен – рече Кешишев.

– Не ви кажаа дали го закопале телото? – праша судијата.

– Не, мене не ми кажаа – одговори Кешишев.

– Но, знаевте дека ќе го носат кај дупката во Рудник – рече судијата.

– Да, ама не и дека ќе го убијат. Не се разговараше за убиство – истакна Кешишев.

– А што мислевте дека ќе му прават?

– Првиот пат се договараа да го однесат таму, да го остават извесно време и после други планови да прават – одговори Кешишев.

– Кои се тие други планови? – праша судијата.

– За грабнување на друга личност – одговори Кешишев.

– Мислите дека требаше таму да го чуваат? – праша судијата.

– Така се договараа – рече Кешишев.

– Колку време мислеа да го држат таму? – рече судијата.

– Додека не ја завршат другата работа. Така се договараа – одговори Кешишев.

– Размислувавте ли како ќе преживее Панче таму, во таа дупка? – праша судијата.

– Не, мене ми кажаа да си молчам, да не се мешам, да седам настрана, а тие се договараа што и како да биде – одговори Кешишев.

– А што се договорија, да го чуваат таму? – праша судијата.

– Па, мислам да – рече Кешишев.

– Понесоа храна и вода за да го чуваат? – рече судијата.

– Не видов – одговори Кешишев.

– А видовте копач, лопата?

– Мислам дека стоеја цело време во „кангуто“ – рече Кешишев.

– Во таа дупка направивте услови за некој да престојува? – праша судијата.

– Вељо измери, знае, мислам дека можеше таму да стои и да седи човек – рече Кешишев.

– Како планираа да го стават човекот внатре? – праша судијата.

– Имаше скала за качување и за симнување во дупката – објасни Кешишев.

– Што се случи со таа скала? – праша судијата.

– Не знам, изгледа остана таму. Таа беше дрвена скала, искована од две даски. Вељо ја направи – одговори Кешишев.

– Кога се враќавте со „кангуто“ од кај местото Рудник, дали внатре имаше скала? – праша судијата.

– Не – рече Кешишев.

На прашањето кога Велибор ја направил таа скала во дупката, Кешишев одговори дека била направена откако завршиле со копање.

– Што имаше друго во дупката за да може да престојува човек? – праша судијата.

– Имаше скала, анкер и на него алка за синџир – одговори Кешишев.

– А која беше температурата дента кога го грабнавте Панче? – праша судијата.

– Беше свежо, но не беше толку ладно – рече Кешишев.

– На 22 ноември не било ладно? – запраша судијата.

– Свежо беше.

– А нели мислевте дека човекот може да замрзне таму?

– Јас не мислев нипто, тие планираа, тие се договараа и немав право на збор – одговори Кешишев.

– Немавте право на збор, ама секогаш бевте тука присутен? – праша судијата.

– Да – одговори Кешишев.

– На што ја базирате претпоставката, ако е претпоставка, појаснете ни, дека пиштолот е на Боре? – праша судијата.

– Поради тоа што се зборуваше овде и се наведуваше дека Боре имал пиштол. Боре призна дека имал пиштол и дека не знае каде е и по таа логика помислив дека е негов – одговори Кешишев.

– Значи помсиливте дека пиштолот е на Боре од тоа што го чувте во судот, тука во оваа судница? – праша судијата.

– Да – рече Кешишев.

– Утрото кога е извршено грабнувањето на жената, како стигнавте од Радишани до пред зградата? – праша судијата.

– Палчо тргна со „кангуто“ напред, а Вељо го возеше „цитроенот“. До него бев јас, а одзади седеше Боре. Не знам по кои улици стигнавме пред зградата, Велибор возеше. Ја паркираше колата блиску до зградата, на паркинг, на 7 до 8 метри од влезот – објасни Кешишев.

– Откако ја грабнавте што се случи? – праша судијата.

– Влеговме во „цитроенот“, јас седев до него, имав моторола. Се сеќавам кај „Александар Палас“ свртевме лево кон Качанички пат, таму кај подвозникот беше паркиран Палчо со „кангуто“, стигнавме до него, тој тргна напред и Велибор возеше по него со „цитроенот“ – раскажа Кешишев.

– Снимките што ги видовме во судот беа од грабнувањето? – запраша судијата.

– Да. Сѐ добро се виде – рече Кешишев.

– Каде го паркиравте „цитроенот“, а каде „кангуто“? – праша судијата.

– Кога стигнавме се паркиравме еден зад друг. Излеговме сите и Палчо веднаш ми кажа да одам на едно 20 метри да гледам дали ќе наиде некој. Таму кајшто застанав се гледа една викендица и патот – рече Кешишев.

– Како се вративте?

– Палчо го возеше „кангуто“, јас и Боре седевме позади, а Велибор позади нас со „цитроенот“. Кога излеговме на асфалтот едно 500 метри, Палчо ми кажа да ја отворам вратата и да ги фрлам алатите – раскажа Кешишев.

– На кое место отидовте да го запалите „цитроенот“? – праша судијата.

– Отидовме на една рамница, каде нема дрва, за да не направиме пожар – рече Кешишев.

– Колку беше оддалечено тоа место од местото на убиството? – запраша судијата.

– Воздушно околу 1 километар, а по патот, бидејќи се влегуваше в село, можеби имаше 4 до 5 километри – одговори Кешишев.

– Целта на грабнувањето на жената беше за да се земат пари, за откуп? – праша судијата.

– Целото време тоа го зборуваа, за откуп – рече Кешишев.

– Откако го запаливте „цитроенот“ се вративте сите во штабот со „кангуто“? – праша судијата.

– Да. Палчо возеше, Велибор седеше покрај него, а јас и Боре позади – објасни Кешишев.

– Поради тоа што во меѓувреме го видовте пиштолот, дали пиштолот беше позади? – праша судијата.

– Не. Изгледа повторно го вратил во ранецот. Не го видов никаде, па моја претпоставка е дека пиштолот е во ранецот – одговори Кешишев.

Судијата побара од четвртообвинетиот да го опише ранецот.

–  Темно син – одговори Кешишев.

– Тоа е истиот кој го видовме дека го носите во Велес, пред домот на Велибор, еден ден пред убиството на Панче? – праша судијата, а Кешишев одговори потврдно.

– Кога стигнавте во штабот, го извадивте синиот ранец до „кангуто“? – праша судијата.

– Не сум го видел, не сум го фаќал. Не го извадив ранецот од „кангуто“ – рече Кешишев.

– Дали беше чистено „кангуто“ со WD-40? – праша судијата.

– „Кангуто“? Не видов, мислам не – одговори Кешишев.

– Вие како домар ги вршевте сите работи во седиштето на партијата? – праша судијата.

– Да, му бев како десна рака – рече Кешишев.

– Рековте дека не ви дал право на збор. Ви дадоа ли моторола? – праша судијата.

– Па, беа таму – рече Кешишев.

– Сте виделе ли некој од обвинетите да го носи синиот ранец во кој претпоставувате дека било оружјето? – праша судијата.

– Не се сеќавам – одговори Кешишев.

– Само вие го носевте? – праша судијата.

– Не, Палчо го носеше. Јас само го извадив во Велес од „кангуто“ и го внесов во гаражата – одговори Кешишев.

КЕШИШЕВ ПРЕТПОСТАВУВАЛ ДЕКА ВО РАНЕЦОТ ИМА ПИШТОЛ, АМА КАЖАНО МУ БИЛО ДА НЕ ПИПА „Вељо и Боре се договараа како да му пријдат на Панче“

Поврзани содржини