За неколку недели ковид-19 „збриша“ четвртина од германскиот БДП

Кризата предизвикана од коронавирусот како молња ја погоди Германија - рече главниот економист на „KfW“, Фрици Келер-Геиб.

703

За само неколку недели како последица на пандемијата од ковид-19, германското производство забележа пад од 20 до 25 отсто, соопшти државната развојна банка – „KfW“, проценувајќи дека врвот на падот веројатно поминал во април, доколку земјата не се соочи со втор бран.

Со ублажување на бројни мерки, економијата би требало барем делумно да се нормализира во почетокот на летото, се вели во соопштението на „KfW“ од каде додаваат дека следува многу брз раст во третиот квартал од годината, пренесува „Reuters“.






– Кризата предизвикана од коронавирусот како молња ја погоди Германија – рече главниот економист на „KfW“, Фрици Келер-Геиб.

Тој рече дека закрепнувањето најверојатно ќе започне во втората половина на годината, но економијата веројатно ќе го достигне своето ниво пред кризата во есента 2021 година.

„KfW“ предвидува дека германскиот БДП оваа година ќе забележи пад од 6 проценти, но дека следната година ќе порасне за 5 отсто.

Ваквите проекции се многу слични со оние објавени од страна на германската влада кон крајот на април, во кои се предвидува пад на БДП од 6,3 проценти и раст од 5,2 проценти во текот на следната година.

Поврзани содржини