За кого навива Малески?
Врз основа на што, Малески тврди дека САД, Велика Британија и ЕЗ многу вложиле во нашата безбедност и независност на почетокот од 1990-тите? Сосема спротивно - не можеа да нѐ растурат, бидејќи тоа ќе беше Трета балканска, а можеби и светска војна, а неспорен факт е дека ние бевме, и сега сме, класична жртва на нивните интереси.
Во „Слободен печат“, од 15 февруари 2024, Денко Малески објави текст под наслов – „Судир на ВМРО-ДПМНЕ со Западот, уште еднаш“. Текстот заслужува реакција бидејќи во него има повеќе неточни факти коишто ја искривуваат нашата историја. По редот на нештата, приложената полемика со тезите на авторот беше испратена на весникот, ама редакцијата не најде за потребно да ја објави. Со оглед на важноста на темите, и пошироката публика треба да се запознае со наведените неточности.
Авторот цитира своја колумна од пред десетина години во која пишува – „Заборавете ја домашната пропаганда. САД, Велика Британија и ЕЗ се земјите што најмногу вложија во нашата безбедност и во нашата независност на почетокот од деведесетите“. Просто неверојатно. Та, во тој период Малески беше министер за надворешни работи! Зарем заборавил дека – САД, ЕУ и Велика Британија, од јануари до април 1992, ги признаа Словенија, Хрватска и БиХ, ама не и Македонија? Дека првите шест држави од ЕУ, Македонија ја признаа во декември 1993 година, речиси две години подоцна?
САД ја признаа Македонија во февруари 1994 година, исто така речиси две години по другите три југословенски републики. Меѓутоа, за разлика од шесте членки на ЕУ, коишто веднаш воспоставија и дипломатски односи и дел од нив отворија и амбасади во Скопје, на САД им требеа уште преку година и пол за да воспостават и дипломатски односи.
Вашингтон го направи тоа дури на 13 септември 1995 година, три и пол години по истиот чин со Словенија, Хрватска и БиХ. Вашингтон го презеде тоа веднаш по нашето потпишување на Привремената спогодба (ПС) со Грција. Тоа сугерира дека САД нѐ условувале со дипломатските односи, за да капитулираме со ПС, со којашто беше целосно руинирана позицијата на Македонија во спорот со Грција. Токму ПС неизбежно водеше и до капитулацијата во Нивици! Ова неспорно покажува, и е силен доказ, дека САД го менаџираа проблемот со нашето име, што значи дека тие и не прекрстија.
САД отворија амбасада во Скопје во февруари 1996 година, а амбасадор испратија на крајот од јули истата година. Четири години пред тоа, американски амбасадори веќе работеа во Љубљана, Загреб и Сараево! Подобар показател за односот на САД кон Македонија – нема, и не може да има!
Не треба да се заборава дека ова игнорирање на Македонија, од страна на Западот, се случува во време кога на Балканот се водеа војни, а земјата беше крајно ранлива. Паралелно, како директна последица на непризнавањето од страна на Западот, своите аспирации кон Македонија ги повампирија и соседите. Тоа беше и директен поттик за нив, ама и знак дека иднината на Македонија – не е извесна, што постојано се потврдува, се’ до денес. Истата политика се’ уште трае, веројатно во тесна координација меѓу заинтересираните.
Врз основа на што, тогаш, Малески тврди дека САД, Велика Британија и ЕЗ многу вложиле во нашата безбедност и независност на почетокот од 1990-тите? Сосема спротивно – не можеа да нѐ растурат, бидејќи тоа ќе беше Трета балканска, а можеби и светска војна, а неспорен факт е дека ние бевме, и сега сме, класична жртва на нивните интереси.
Во принцип, признавањето на државите и воспоставувањето на дипломатски односи е техничко и формално прашање. Третманот којшто ние го имавме покажува дека во Вашингтон имало тајни планови и сценарија за Македонија, слепо следени од Лондон и Брисел. Впрочем, периодот којшто следуваше, и сѐ уште е актуелен, пружи илјада потврди дека сето тоа не беше воопшто – случајно. Сегашната бугарска агресија е само финален дел од сето тоа!
Освен што Западот долго не ја признаваше независната македонска држава, тој ја уценуваше со – прво името (промена), потоа членство во НАТО и ЕУ; ја организираше војната на Косово во 1999 година за потоа, во 2001-та, да ја префрли во Македонија; ни го наметна Охридскиот рамковен договор, првиот клучен чекор во бришењето на македонскиот карактер на државата; ни ги подметна Декларацијата за пријателство со Бугарија, во 1999 година, а потоа и катастрофалните и предавнички договори со Бугарија, заедно со протоколите, и со Грција, вклучувајќи ја тука и Тиранската платформа… Постојат уште многу други акти и чекори, од страна на истиот Запад, направени со единствена цел – затворање на вековното „Македонско прашање“, преку разнебитување на Македонците и ревидирање на нивната држава. Тоа е вистината.
Малески постојано ја нарекува ВМРО-ДПМНЕ – „партија на македонските националисти“, и дека таа – „постојано се судира со Западот“. Ова е класично мешање на термините национализам и патриотизам. Можно ли е да не му е познато дека токму “Западот“, предводен од САД, го разнебитува македонскиот народ, и ја реорганизира неговата држава според своите потреби, веќе преку 30 години? Зарем авторот не ги знае, или не ги разбира горните примери?
Право на Малески е да мисли што сака, ама ако смета дека Грција е таа што на нелегален начин ни го суспендира името, во СБ на ООН, а потоа и ни го промени, тоа значи игнорирање на сите крајно евидентни факти, видливи и за политички аматери. Ако, пак, смета дека Бугарија е сама во обидите да нѐ бугаризира и нас како народ, ама и делот од државата којшто „не припаѓа“ на Албанците, и тоа е негово право. Фактите, меѓутоа, зборуваат нешто сосема друго.
Проблем е што Малески не прифаќа дека и малите и сиромашните држави имаат свои интереси за коишто мораат да се борат, ако сакаат да опстанат и успеат. Смета дека овие држави треба да го виткаат ‘рбетот, и да прифаќаат сѐ што ќе им се сервираа од (по)надвор. Од силеџиите, де, според неговиот идол – Тукидит.
Се чини дека авторот со некакво прикриено задоволство констатира – „Сите знаеме што му се случи на Груевски кој од таа конфронтација со Западот излезе губитник“, за да продолжи – „Што ќе му се случи на Мицкоски… останува да се види“!? Зарем е можно? Прво, Малески не го осудува начинот (државен удар) со којшто беше уништен Груевски и, второ, му се заканува на Мицкоски!? Нека биде и опомена, или потсетување! Во секој случај, крајно неприфатливо.
Тие што велат – „ние сме суверена држава“, или – „ја изразуваме волјата на македонскиот народ“, за Малески се проклети националисти! И, заклучува – „Како ќе одговори Америка, на оваа тврдоглавост на Мицкоски не може да се знае“! Просто неверојатно. Повикува на линч на Мицкоски!
Според Малески – „Македонија во ЕУ, преку ‘францускиот предлог’, е западната стратегија за земја која, еве веќе 30 години, не се движи кон ЕУ, туку само стои на тој пат и претставува опасност по сообраќајот“!? Со ова, авторот самиот се демантира. Ако Западот ни е толку голем пријател, и треба да го слушаме – зошто толку долго висиме пред ЕУ? Ако, пак, мисли дека вината е наша, тоа веќе загрижува.
Спомнува и италијанско сценарио, дали – „Западот ќе направи кордон околу ВМРО-ДПМНЕ за да нѐ формира влада…“. Ова многу личи и на повикување за таков расплет!
Непријатно е кога еден поранешен министер за надворешни работи шири дефетизам и лузерство, за суштински национални интереси. Според него, треба само да ги слушаме САД и ЕУ, и да не се правиме многу паметни! Зарем не му е јасно дека нивните и нашите интереси воопшто не се компатибилни? Дека во последните 30 години, тоа барем стотина пати дошло до израз? Секогаш на наша трагична штета. Најкарактеристичните случаи ги спомнавме.
Основната задача на секоја влада, и на најмалата, и на најсиромашната држава, е одлучно да ги брани сопствените интереси, без да биде сателит на кој било. Не е важно дали се тоа САД, ЕУ или некој трет. Само така се успева.
Кисинџер рекол – „Лошо е САД да ти се непријател, ама е страшно кога ти се пријател“. Не е јасно дали тој го имал предвид токму случајот со Македонија, којшто секако ја потврдува неговата оценка.