За историја сè уште нема детали – познати деталите како ќе изгледа наставната програма во интегрираните предмети

Од седмо до деветто одделние во предметот „Природни науки“ ќе влезат предметите „Билогија“, „Хемија“ и „Физика“. Трите модули од досегашните посебни предмети ќе се изучуваат паралелно.

337

Полека почнува да се крева „маглата“ околу новиот образовен концепт. Конечно се соопштени некакви детали за новите споени предмети. Но сѐ уште нема детали за предметот „Историја“ кој крена најмногу прашина во јавноста, со оглед на чувствителниот период во македонско-бугарските односно и барањата на Бугарија, објави Сител.

Од Бирото за развој на образованието појаснуваат дека предметот „Природни науки“ ќе се изучува во текот на целото основно образование, но фондот на часови и наставните теми ќе се менуваат согласно одделението. Најмалите ќе имаат по два часа неделно, во шесто одделение три, а во последните одделенија фондот на часови ќе биде по пет неделно. Од седмо до деветто одделние во предметот „Природни науки“ ќе влезат предметите „Билогија“, „Хемија“ и „Физика“. Трите модули од досегашните посебни предмети ќе се изучуваат паралелно.






– Ќе постои и еден т.н. интегриран модул во кој всушност ќе се обединат теми и наставни содржини од пооделните научни содржини, Биологија, Хемија и Физика кои третираат некоја слична проблематика. На таков начин учениците ќе имаат можност да го изучуваат овој предмет како што тоа се прави во многу модерни образовни системи ширум Европа и светот. Наставните предмети кои ќе се изработуваат за наставниот предмет „Природни науки“ во основното образование ќе нудат еден современ концепт, односно тие ќе протежираат учење кое што се базира на истражување и примена на експериментот по наставата за предметот „Природни науки“. Исто така ќе го фаворизираат учењето со разбирање и размислување – вели советничката во Бирото за развој на образованието, Иванка Мијиќ.

Во меѓувреме, наставници по историја од повеќе градови во државата во писмо до министерката Царовска велат дека нема да дозволат да се нанесе голема штета на образовниот процес со укинување и девалвирање на предметите. Тие се жалат дека воопшто не биле консултирани кога се носел целиот концепт.

– Но ние како историчари сме повиканите да зборуваме за предметот историја. Ние како историчари нема да правиме компромис околу тоа каква треба да биде судбината на предметот историја, бидејќи сметаме дека треба да биде посебен предмет – се вели во реакцијата.

Наставниците велат дека евентуалното спојување на предметите „Историја“, „Географија“ и „Граѓанско обраование“ ќе се создаде хибриден и вештачки предмет кој оневозможува квалитетна и професионална настава. Според нив, тоа ќе создаде конфузија која ќе биде на штета на самите ученици.

Министерката Царовска на прес-конференцијата по повод 100 дена влада најави комплетна промена на образовниот систем во Македонија. Рече дека за изработката на моделот биле гледани неколку решенија од странски развиени држави, меѓу кои и финскиот модел, кој важи за најдобар во светот. Но, спојувањето на предметите, особено предметот „Историја“ предизвика лавина реакции во јавноста.

Во моментот се уште се вршат консултации и се конципира новиот образовен модел.

Поврзани содржини