За губитниците во македонско-бугарскиот историски спор

1,923

Изјавата на Република Бугарија содржана во писмената процедура кон усвоените заклучоци на Советот на ЕУ за проширувањето од 25 март 2020 година (објавени од Aвстрискиот парламент), во која децидно се поставуваат услови за европските интеграции на Република Македонија, не претставува ништо ново во позицијата на Софија. Изјавата само ја потврдува конзистентноста на политиката на Бугарија во однос на Република Македонија, рефлектирана во Рамковната позиција на бугарската влада и во Декларацијата на бугарскиот парламент од октомври 2019, која сега само се ефектуира на ниво на ЕУ.

Не претендирам да навлегувам во мотивите за несподелувањето на Изјавата во македонската јавност, ниту во политичките коментари и интерпретации фокусирани кон релативизирање на објавениот документ со поставувањето на вештачката дилема дали истиот ја рефлектира заедничката позиција на ЕУ. Сосема е јасно дека со Изјавата, Бугарија недвосмислено најавува дека Република Македонија ќе се соочи со блокада во европските интеграции (имајќи го предвид консензуалното одлучување во ЕУ), доколку не ги задоволи поставените барања и услови.






Тоа што може мошне јасно да се забележи е дека заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања (во понатамошниот текст Комисија) во Изјавата се посочува како еден од клучните индикатори за имплементацијата на Договорот за добрососедство и пријателство, при што резултатите од нејзината досегашна и идна работа директно се поврзуваат со исполнувањето на условите од кои зависат интеграциите на Република Македонија во ЕУ.

Политичката тежина која ѝ се дава на Комисијата се согледува во фактот што уште на самиот почеток во Изјавата се изразува критика за блокирањето на имплементацијата на Договорот, поради „едностраната одлука“ на Република Македонија, за „суспендирање на неодредено време“ на партиципацирањето во работата на Комисијата (Вов. пар. 5). Во тој контекст, посебно се нагласува дека исполнувањето на Договорот, како директен услов за интеграциjата на Македонија во ЕУ, подразбира активно ангажирање во „постигнувањето на конечен договор околу целиот спектрум“ на работата на Комисијата.

Конкретно се посочува на „договорот за клучните личности и настани од нашата заедничка историја со Република Северна Македонија до 1944, за конкретните датуми за заедничко чествување на оние настани и личности за коишто е постигнат договор; и замената на информативните табли и други индикатори, вклучително и оние на историските и културните споменици, со исполнување на договорените текстови“ (2а:2).

Постигнувањето договор во рамките на Комисијата за „заедничката историја“ и имплементацијата на веќе договореното, што се поставува како клучен услов за европските интеграции, е комплементарен со останатата содржина на Изјавата, во која меѓу другото се бара доследна примена на „амандманите во уставот на Република Северна Македонија“ согласно со договорот од Преспа, со истовремено стриктно и целосно почитување на Договорот со Бугарија (2а:1).

Во тој контекст, дополнителна политичка тежина добива фактот што Бугарија бара гаранции дека во мултилатералната комуникација, во документите на ЕУ и во рамките на преговарачкиот процес, нема да се користи краткото име „Северна Македонија“, туку целото име „Република Северна Македонија“ (2b:2).

Образложението е дека и Бугарија полага историско право на географска Северна Македонија, која опфаќа дел од бугарска територија, што всушност треба да го поткрепи тврдењето за непостоење на македонско малцинство. Во таа смисла, Бугарија бара целосното име „Република Северна Македонија“ да се користи erga omnes за името на државата, како и за официјалниот јазик, и тоа во сите документи, изјави, преписки во рамките на ЕУ и нејзините институции.

Оттаму, произлегуваат и гаранциите на кои настојува Бугарија дека во никој случај официјалниот јазик нема да „може да биде интерпретиран како признавање на постоење на посебен т.н. ‘македонски јазик’” (2b:3), што го вклучува и непостоењето на македонско малцинство на нејзина територија.
Тоа што веднаш паѓа во очи, е што во Изјавата, како услов за отпочнување на преговорите на Република Македонија со ЕУ, се поставува постигнувањето договор за клучните личности и настани од „заедничката историја“ до 1944, што вклучува конкретни датуми за заедничко чествување на оние настани и личности „за коишто е постигнат договор“.

Тоа го опфаќа и „исполнувањето на договорените текстови“, во насока на промената на информативните табли и други индикатори, вклучително и на историските и културните споменици (2а:2). За какви постигнати „договори“ и „договорени текстови“ од „заедничката историја“ станува збор, разбирливо не се наведува. Но, од претходните изјави на бугарските членови на Комисијата (кои не беа негирани, а во голем дел потврдени и од македонските членови), дознавме дека средновековниот период веќе е утврден како дел од „заедничката историја“ и аналогно на тоа и личностите и настаните од оваа епоха, се дефинирани и карактеризирани како „бугарски“ (Експрес, 20.12.2019). Ваквиот комисиски договор беше политички валоризиран со одлуките на владите на двете земји. Македонската Влада прифаќајќи ги „договорените текстови“ на Комисијата, дури догматски ја прогласи комисиската интерпретација за „историска вистина за нашата заедничка историја“ (Влада на РМ, 09.07.2019).

Барањата на Бугарија во Изјавата всушност се однесуваат на итна имплементација на договорените и политички верификувани текстуални историски интерпретации на Комисијата за личностите и настаните од „заедничката историја“. Применeто во практиката тоа би значело дека натписот на споменикот на цар Самуил на плоштадот во Скопје, согласно со комисиската интерпретација, ќе треба да биде заменет со ознаката „бугарски цар“ / „цар на бугарската држава“.

Соодветно означување ќе треба да биде поставено и кај Самуиловата тврдина во Охрид, со оглед дека Комисијата веќе ја прогласи Самуиловата држава како дел од „заедничката историја“, историски дефинирајќи ја како „бугарско царство“. Истоветното означување ќе треба да се примени и на сите натписи, официјални чествувања, музејски поставки, туристички водичи и сл. Истото ќе важи и за светите Кирил и Методиј, св. Климент и св. Наум Охридски, кои Комисијата ги прогласи како дел „заедничката историја“.

Судејќи според претходните изјави на бугарските членови на комисијата, тоа меѓу другото ќе подразбира дека официјалното чествување на сесловенските просветители, ќе биде придружено со текстуалната интерпретација на Комисијата, во која ќе се истакнува историската улога на бугарската средновековна држава и заслугата на Бугарија за заштитата и зачувувањето на словенската азбука. Тоа веројатно би ја вклучило и постигнатата согласност дека 24 мај е бугарски национален празник (24Часа, 01.11.2019; БНТ, 17.12.2019).

Ваквото комисиско историско дефинирање, само по себе, треба да ги валоризира бугарските ставови околу негирањето на историската генеза и посебност на македонскиот јазик. Охридската Архиепископија, како нераздвоен сегмент од наследството на Самуиловата држава, согласно поимањето и интерпретацијата на Комисијата, би требало да ја добие соодветната „бугарска“ ознака, како дел од „заедничката историја“. Оттаму, воопшто не е случајно што Бугарија бара итна имплентација на договореното во рамките на Комисијата.

Имајќи ги предвид сериозните политички импликации, кои се префрлаат во рамките на ЕУ, очекувана беше реакцијата на дел од македонските членови во Комисијата по обелоденувањето на изјавата. Впрочем, тие се и најповикани да одговорат кои „договори“ и „договорени текстови“ се бара од Бугарија да се исполнат како услов за почетокот на преговорите на Република Македонија со ЕУ.

Меѓутоа, наместо објаснување, реакцијата на македонските членови се сведе на себе-амнестирање, преку обвинувањето на бугарските политичари и историчари за намерата да извојуваат „победа“ во историско-политичкиот спор, со инсистирањето на дефинирањето на „заедничката историја“ од IX век до 1944 – од што произлегува дека истата во континуитет му припаѓа на бугарскиот народ (DW, 25.04.2020). Тие зборуваат сега за „споделена историја,“ без притоа да признаат дека самите македонски членови во Комисијата го прифатиле концептот за „заедничка историја“, на што се заснова и комисиската методологија на работа и на што се повикува Бугарија во Изјавата.

Доволно е да се прочитаат изјавите на македонскиот тим, дадени во минатото и постигнатите договори со бугарските колеги во Комисијата за личностите и настаните во средновековието, со кои истите се прогласија за дел од „заедничката историја“.

Меѓутоа, кога дојде на ред 19 век и личноста на Гоце Делчев (како и другите револуционари и интелектулци), се соочија со неприменливоста на концептот „заедничка историја“ за овој период од македонската историја, бидејќи тоа подразбира нивно историско дефинирање за „бугарски“.

Уште повеќе, сега тие потсетуваат дека влегле во комисискиот состав со цел да се „надминат исклучивите и националистички претстави во толкувањето на минатото“, како и „селективните точки од националното сеќавање“, преку „самокритика на сопствените национални историски наративи“.

Притоа, ја критикуваат „бугарската и македонската историска наука“ за силна идеологизираност и политизираност, обвинувајќи ги меѓу другото и „најголемиот дел од историчарите“ кои „сѐ уште се во своите ровови и се најжестоките бранители на националните историски митови и, се разбира, на замислениот вековен национален идентитет“ (DW, 25.04.2020).

Ваквото поимање преточено во заземените позиции и досегашната работа во Комисијата, втемелено на неспорно прифатениот концепт на „заедничката историја“, очигледно се сведува на „денационализација“ на македонскиот национален наратив и тоа преку прифаќањето на интерпретацијата на бугарската национална историографија.

Македонските членови во Комисијата и натаму тврдат дека станува збор за „апсурден политичко-историски спор,“ меѓутоа исходот од нивната работа има многу посериозни политички импликации, отколку што самите сакаат да признаат.

Внимателната анализа на Изјавата на Бугарија упатува и на дополнителна политичка димензија, бидејќи вака поставена, содржи намера за дополнително конкретизирање на Договорот за пријателство, по примерот на Преспанскиот договор. Тоа се однесува на инсистирањето на користењето на целосното официјално државно име „Република Северна Македонија“ (со оглед
дека договорот е потпишан со Република Македонија), што во крајна линија имплицира тенденција за исклучување/бришење на придавката „македонски“ како идентитетско име/ознака за македонската нација и за македонскиот јазик. Согласно со Изјавата, тоа всушност треба историски да го валоризира Комисијата со досегашното и идно историско редефинирање на македонската нација, со вградување на македонската национална историја во концептот и наративот на „заедничката историја“.

Впрочем, самите македонски членови на Комисијата, неодамна признаа дека на последните состаноци, на инсистирање на бугарските колеги, ги потпишуваат записниците не како македонски историчари, туку како „историчари од Република Северна Македонија“.

Оттаму, не случајно во Изјавата на Бугарија се допрецизира практичната имплементација на договорената „заедничка историја“ во рамките на Комисијата, по примерот на Договорот од Преспа. Сето тоа треба да ѝ гарантира на Бугарија, „бугарско“ идентитетско маркирање на досега договорените (средновековниот период од 9 до 19 век) и идните договорања (од 19 век до 1944) за историските личности и настани од „заедничката историја“ на јавниот културно-историски простор ширум Република Македонија и при сите официјални чествувања. Исто како што античкото минато треба да се маркира како „хеленско“ со признавањето на историската „сопственост“ на модерна Грција, согласно со договорот во Преспа.

Ваквата димензија на Изјавата, неминовно го поставува прашањето дали Комисијата воопшто има мандат да дефинира што е „заедничка историја,“ и уште повеќе врз основа на овој концепт да ја редефинира историската интерпретација на личностите и настаните. Договорот за пријателство во воведниот дел само ја нотира „заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи,“ паралелно со Декларацијата од 1999. Меѓутоа, во делот за Комисијата, во Договорот единствено се предвидува нејзино формирање на паритетна основа, со цел „продлабочување на заемната доверба,“ која со својата работа треба да придонесе „за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“.

Комисијата е обврзана да поднесува едногодишен извештај пред владите на Договорните страни (8:2). Толку во однос на мандатот на Комисијата, определен со Договорот.

Во точка 8:3 од Договорот се определува дека „двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“! Во овој дел, воопшто не се споменува Комисијата, што значи дека истото не е во нејзина надлежност.

Општо земено, станува сосема јасно дека уште на првите конститутивни состаноци во 2018 г. кога се усвојувала методологијата и протоколите за работа во функција на дефинирањето и утврдувањето на „заедничката историја“, Комисијата веќе ги надминала генералните принципи на Договорот, кои единствено предвидуваат објективно и научно толкување на историските настани.

Членот 8:2 од Договорот не ѝ дава мандат на Комисијата да ја дефинира „заедничката историја“, ниту историски да ги (пре)оценува и карактеризира личностите и настаните, што во форма на усвоени текстови понатаму ги доставува до Владите на двете земји како оправдување на политичките одлуки за заедничкото чествување. Членот 8:3 од Договорот, воошто не имплицира било какво инволвирање на Комисијата, бидејќи договарањето „заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности,“ е во исклучива надлежност на Владите на двете страни.

Од сето тоа произлегува дека членовите на Комисијата самите ја презеле врз себе мисијата и обврската да дефинираат што е „заедничка историја“, да вршат врз основа на ваквиот договорен
концепт селекција и историска карактеризација на личностите и настаните кои заеднички ќе се прославуваат, за на крајот тоа политички да го валоризираат владите.

Тоа ја вклучува и ревизијата на учебниците, за што комисијата воопшто нема мандат согласно со Договорот. Независно од овој факт, Комисијата евидентно ги усвоила работните протоколи и методологијата, со што ревизијата на учебниците всушност треба да ја рефлектира нивната претходна договорена интерпретација и карактеризација на селектираните личности и настани од „заедничката историја“. Тоа нема ништо заедничко со природата на научната мисла и со европските практики, на што се повикуваат македонските членови на комисијата и самиот Договор. Комисиите за учебниците меѓу Германија и Франција, како и меѓу Германија и Полска, се со стриктно дефиниран мандат и што е уште позначајно, тие не претендирале да ја дефинираат „заедничката историја,“ а уште помалку да го оспорат националниот наратив и идентитет на една од страните.

Во случајот со македонско-бугарската комисија станува збор за сосема нова и непозната досега практика, за што истата нема ниту мандат кој произлегува од Договорот. Освен доколку не постои некаков друг политички документ кој не е достапен на јавноста?! Македонско-грчката комисија е исто така преседан, но за тоа во друга прилика.

Јас немам никаква дилема за тоа кои ќе излезат како губитници во спорот, за што ќе посведочи и судот на историјата. А, на поставеното прашање кој ќе победи во спорот, колку и да звучи крајно несоодветно за европските принципи и вредности, ќе зависи од тоа дали ќе биде ставен крај на македонското прашање со наметнатото именско и историско редефинирање на македонската нација! Конечно, во демократска Европа не треба да има поразени, за да се има добрососедство и пријателство меѓу народите!

 

(д-р Митко Б. Панов е редовен професор во Институт за национална историја – Скопје)

 

Поврзани содржини