ЗА ЕДНА ГОДИНА ПОДНЕСЕНИ НАД 1.800 БАРАЊА ЗА ИН ВИТРО НА ТОВАР НА ФЗО Од нив 237 биле за четврти, петти и за шести обид
Покрај поголемиот број обиди, воведена е и електронска достава на известувањето за одобреното право, рокот за приговор е продолжен од 8 на 15 дена, а укината е потребата од дополнителен упат од матичен гинеколог, соопшти Фондот за здравствено осигурување.
Во периодот од 7 август 2025 до 20 август 2026 година, од вкупно 1.883 разгледани барања за биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО), 237 биле за четврти, петти или шести обид, информираат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Проширувањето на правото до шест обиди на товар на Фондот, коешто претходно не постоеше, како што посочуваат од ФЗО, не останало само законска можност, туку право кое осигурениците реално го користат.
„Од 237 поднесени барања, 216 барања се за четврти обид, 17 барања се за петти обид и 4 барања се за шести обид. Зад секоја од овие бројки стои семејство кое добило уште една можност да продолжи таму каде што претходно системската поддршка завршувала“, се вели во соопштението од Фондот.
Од ФЗО додаваат дека, покрај поголемиот број обиди, воведена е и електронска достава на известувањето за одобреното право, рокот за приговор е продолжен од 8 на 15 дена, а укината е потребата од дополнителен упат од матичен гинеколог.
За БПО постапките извршени во осум јавни и приватни здравствени установи со кои Фондот има договор, во 2025 година се потрошени над 97,3 милиони денари.
„Здравствениот систем не може сам да ги промени демографските текови, но може да обезбеди повеќе можности и финансиската пречка да не биде причината поради која едно семејство ќе мора прерано да се откаже од обидот за потомство. Не станува збор само за измена на еден член од закон или за дополнителен ваучер. Станува збор за уште една шанса надежта да стане живот“, соопшти ФЗО.