За државничкиот однос кон нацијата: По обраќањето на Ципрас до Македонците
Да се биде државник во вистинска смисла на зборот подразбира да се познава и респектира историјата на нацијата која тој/таа ја претставува. Генерациските жртви, стремежи и идеали на народот кој ја изградил државноста отсекогаш биле темелот на нацијата, врз кој се градела иднината.
„Само со проучување на минатото, можеме да ја предвидиме иднината … само со почитување на минатото можеме да бидеме достојни за иднината“ (Winston Churchill, Speech at the Lord Mayor’s Banquet in Guildhall, 9 November 1951), пишува Митко Б. Панов, редовен професор во Институтот за национална историја.
Цитираните зборови на Черчил изречени во далечната 1951 г., како и оние од 1953 г. кога го дава советот „Проучувај ја историјата. Во историјата се кријат сите тајни на државништвото,” се и денес релевантни за сите кои претендираат да се занимаваат со политика, а особено оние кои имаат амбиции да бидат лидери на нацијата.
Да се биде државник во вистинска смисла на зборот подразбира да се познава и респектира историјата на нацијата која тој/таа ја претставува. Генерациските жртви, стремежи и идеали на народот кој ја изградил државноста отсекогаш биле темелот на нацијата, врз кој се градела иднината.
Во Република Македонија ваквите оштоприфатени национални начела и принципи, евидентно го имаат изгубено значењето. Наместо респектирање на историјата на нацијата, истата е сведена на политичко средство за решавање на идентитетските спорови со соседите.
Историјата, името на државата, а со тоа и идентитетот на нацијата, се дадени како залог за иднината. Иднина на нација, без минато!
Ваквиот прогресивен и храбар „државнички“ приод, со кој не се зборува за „минатото, туку за иднината“, го поздрави поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас.
Во видео обраќањето од 7 јули 2020 г., Ципрас потенцира дека како резултат на ваквата државничка политика „Северна Македонија“ повеќе не ги изразува „балканските несигурности на мала европска земја, која се плаши да ја изгуби својата историја,“ туку ја рефлектира визијата за „самоуверена балканска земја, која се бори за создавање историја“.
Со тоа, Ципрас отворено им го предочи на граѓаните добро познатиот грчки став на негирање на македонската нација, порачувајќи му на „народот на Северна Македонија“ дека не треба да стравува од губењето на својата историја. Бидејќи, за сметка на тоа „самоуверено“ ќе се бори за создавање историја на новата нација, прифатлива за соседите.
Ваквата порака е содржана и во внимателно избраниот цитат од поемата на Блаже Конески „уште рика истата мака во мене, дека сум роден во смачкано племе, сејач на глуво семе“, како и на Владимир Мартиновски, со кој Ципрас ги повикува граѓаните да го посеат новото „семе,“ од кое ќе изникне „новата генерација на Северна Македонија,“ која „самоуверено“ ќе се бори за новата историја на „северномакедонската“ нација.
Додека Грција и натаму ќе ја темели својата државничка политика врз минатото, третирајќи ја историјата не како штотуку посеано семе, туку респектирајќи ја како длабок корен и фундамент на нацијата.
Ваквата симболична порака воопшто не е случајна и секој збор на Ципрас директно и длабоко задира во идентитетот на македонската нација.
Всушност, поранешниот грчки премиер се повикува на резултатите од Преспанскиог договор. Доволно е да се погледне официјалниот став на грчкото МНР да се види дека за Грција не постојат Македонци и македонска нација, кои се третираат како вештачка конструкција на Титова Југославија.
Грција со Преспанскиот договор всушност го делимитираше своето минато од „Северна Македонија“, присвојувајќи ги притоа термините „Македонија“ и „Македонци“ како своја историска сопственост (Митко Б. Панов, Expres, 6-7.06.2020). Атина не промени ништо во својата историја, во именувањата. Провинцијата и натаму е Македонија, аеродромот Македонија, Универзитетот Македонија…
А Република Македонија, откажувајќи се од името Македонија и придавката „македонски“ без можност истите да ги користи како идентитетска ознака и линк со државноста и нацијата, ги промени сите државни и идентитетски ознаки со „… на северна Македонија“. А доколку сака да користи придавка за означување на државата и нацијата, ќе треба да ја користи придавката „северномакедонска“.
Имајќи го предвид сето тоа, станува сосема јасно дека историјата е клучното средство со кое соседите претендираат да ја делегитимираат посебноста на македонската нација и со тоа да ги реализираат стратегиските национални интереси фокусирани кон затварање на македонското прашање.
Наспроти ваквиот евидентен факт, во Република Македонија граѓаните и натаму се уверуваат дека постигнaтите договори со соседите ги решиле сите спорни прашања и со дадените отстапки е добиен имотниот лист на државата „Северна Македонија“, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик. Граѓаните се сведени на тоа дека треба да се радуваат дека во предлог-преговарачката рамка на ЕУ за „Република Северна Македонија“ од 1 јули 2020 г. е содржана формулација дека законодавството на ЕУ ќе треба да се преведе на „македонски“.
За успех да се смета споменувањето на „македонски“ за јазикот на „Северна Македонија“ во нацрт-документ на ЕУ, кој сосема извесно ќе претрпи промена со оглед на досегашните искуства и категоричните позиции на Софија, само покажува што всушност преостанало од македонскиот идентитет по политичките договори со соседите.
Доволно е да се прочита целиот текст на предлог-преговарачката рамка кадешто имплементацијата на договорите со соседите се нотира како клучен услов и мерило за прогресот во преговорите. Ако се знае дека Софија категорично ги условува ЕУ интеграциите со прифаќањето на својата верзија на „заедничката“ историја, што подразбира дефинирање на македонскиот јазик како „југозападна писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“ и негово означување како “официјален јазик на Република Северна Македонија“ односно „северномакедонски бугарски“ (Митко Б. Панов, Expres, 10.05.2020), се поставува прашањето како тогаш е заштитен македонскиот јазик?
За што треба да се радуваат македонските граѓани? Да се радуваат за неизвесната иднина на својот јазик кој ќе биде предмет на идни преговори, a македонскиот јазик е одамна признат од ООН како основно човеково право на самоопределување?!
Да веруваат на зборовите на политичките елити дека „наше ќе биде во разговор со сите земји членки да најдеме начин како да објасниме дека изразувањето на нашиот македонски идентитет, нашето право на самоопределување не може да биде ставено под знак прашање ако зборуваме за европски интеграции“.
За какво право на самоопределување се зборува, кога е променето самото име на државата и со тоа идентитетот на нацијата?!
Иднината на македонскиот идентитет и јазик е втемелена на минатото, а не обратно. Тоа впрочем јасно се согледува од јазичниот спор со Бугарија, чијашто генеза се вкрстува во средновековието. Историското дефинирање на посебноста на македонскиот јазик, македонските историчари и лингвисти го лоцираат во македонскиот амбиент на делување на словенските просветители Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски. Тоа го демонстрираат четирите изданија на МАНУ за македонскиот јазик, кои беа промовирани на 7 јули 2020 г. како научна реакција на негаторските тенденции и оспорувања на Бугарија. Исто како што во Mанифестот на АСНОМ до македонскиот народ, се констарира дека „за првпат по Самоил, македонскиот народ создава своја држава,“ со што се рефлектираат вековните заложби за државност.
Затоа, кога се тврди дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет со политичките договори е заштитен, треба во најмала рака да се даде одговор на повеќе прашања. Почнувајќи од тоа зошто не е обелоденета содржината на владината одлука од 9 јули 2019 г. со која св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум Охридски, цар Самуил, се определуваат како дел од „заедничката“ историја со Бугарија?
Како св. Климент, св. Наум, цар Самуил се заштитени, ако во одлуката на Владата „заедничката историја“ со Бугарија е политички догматизирана како „историска вистина“ која ќе треба „јасно да се одбележува“? Како цар Самуил е заштитен, ако според бугарските политичари и историчари, според комисискиот договор кој е политички легитимиран со одлуката на двете влади, е означен како „бугарски“ владетел?
Како македонскиот јазик е заштитен, ако со постигнатите договори во заедничките комисии со Бугарија и Грција, целосно се брише терминот „Македонија“ и „македонски“ како идентитетска ознака за Словените во средновековието и се заменува со „бугарски“?! (Митко Б. Панов, Expres, 6-7.06.2020). Како македонскиот јазик е заштитен, ако посочените личности од средновековието, вклучително и сесловенските просветители, се дефинирани како дел од „заедничката“ историја со Бугарија, со што им се дава „бугарски“ карактер на нивното дело, што ја вклучува и словенската писменост?
Кога државниците зборуваат дека идентитетот на Македонците е заштитен, треба да дадат и одговор на прашањето зошто не се споменува терминот Македонци, ниту македонска нација во Преспанскиот договор? Во официјалниот македонски превод на Преспанскиот договор и официјалното објаснување на значењето на терминот, „Маcedonian” значи исклучиво „македонско/а/и“ а не Македонец, а аналогно на тоа го има истото значење и во личната карта на ОН.
Како тоа македонскиот идентитет е заштитен, кога со Преспанскиот договор е забрането придавката „македонски“ да се употребува како идентификациска ознака за државата и нацијата? Како ќе се објасни фактот што во личната карта на ОН е содржана експликацијата дека официјалното име „Република Северна Македонија“ претставува придавка за означување на официјалните органи, јавни институции, приватни ентитети и сл. кои се однесуваат на државата, додека други придавки, вклучително и македонско/и/а „не можат да бидат користени“ во ниту еден од случаите поврзани со државата и јавните ентитети.
На што треба да бидат горди Македонците, ако не смеат да ја идентификуваат или пројават својата националност преку легалниот линк со државата како „Македонци“, туку исклучиво со строго утврдената дефиниција „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.“ Како им е гарантиран идентитетот на Македонците, кога им се ускратува правото имињата Македонци и македонски официјално да ги поврзуваат со сопствената држава и нација!
Затоа, вистинските државници се однесуваат со респект кон минатото, за да самите тие, како и нацијата која ја претставуваат, бидат достојни за иднината. Вилијам Гледстон, ќе констатира дека “не може да му се случи поголема несреќа на еден народ, отколку да прекине целосно со своето минато.” Черчил, пак, ќе каже „историјата ќе биде многу љубезна кон мене, бидејќи имам намера јас да ја напишан,“ уверен дека бил вистински лидер на нацијата и ќе биде почитуван како таков во историјата која самиот ја испишува со своето дело.
Државници кои со респект се однесуваат кон историјата на нацијата, длабоко би се размислиле знаејќи го дамнешното предупредување на Конески „Големо ни е името, ќе сакаат да ни го земат“ и би ја разбрале неговата мисла „до кај што сум ја пренесол својата љубов, дотаму е мојата татковина. А вие, еј! На што сте смислиле да ја сведете?!”
И би му одговориле на Ципрас за тенденциозно избраниот цитат за смачканото племе и глувото семе, со зборовите на Конески, кој пред смртта објаснува што мислел со тоа:
„… за сето тоа време на мојата литературна и научна дејност од некои центри на моќ на Балканот ни се оспорува правото да пишуваме на свој јазик и да се сметаме за современа народна заедница … Веке во една од тие најрани песни јас ja искажувам горчината од реалноста, во која требаше да настапи нашата генерација. Рика во мене маната – напишав тогаш – дека сум роден во смачкано племе … По силата на историските околности се случи да станеме мал, оспоруван народ. Ние, мојата генерација, тогаш млади и неопитни, тргнавме во животот посветени на македонската идеја готови да и служиме како на нешто свето и светло, загрижени за судбината на својот народ.
Ние бевме уверени дека имаме браќа по целиот свет… Но оние од спротивната страна ни поставуваат постојано граници, сопки и пречки … Сепак не се предавав. И мојата вера најде во истата песна израз во зборовите: „Но сепак, се надевам, дека не е туку така / што сум бил подложен на таков искус / и на таква една мака …“ (Конески, Една ситуација и едно лично становиште).
А секој Македонец, би требало да го направи „Внатрешниот дијалог“ со самиот себе, како што тоа своевремено го направил Конески во истоимената поема:
„Ти сакаш да ме увериш
дека сум јаден и лит
и дека ништо во мојот живот
не носи знак на величие.
Но јас сум тој што се слуша,
од мене зависи сѐ!
Ти сакаш да ме понижиш сосем,
да ми предочиш јасно
дека се лажам самиот
и дека секој мој подем
бил измислен.
Сети се – ми велиш –
како се витка црвец во кал.
Но сепак сѐ зависи од мене!
Јас сум, види, чувар на својата гордост,
и не очекувај да се помирам
со бесмислената ништожност“ (Конески, Внатрешен дијалог)
Единствено што е пострашно од потчинетоста е да се самопотчиниш!
А историјата ќе суди!