За деблокада на Собранието сѐ е во игра – од лидерска средба до вонредна состојба
Доколку Џафери и ДУИ останат на позицијата дека е неприфатливо опозицијата да ја условува работата на Собранието, тешко дека утре ќе се најде решение иако за Заев начелно е прифатлив предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да има посебна седница за клучните закони за помош во коронакризата.
Неизвесно е дали утре ќе се деблокира работата на Собранието иако премиерот Зоран Заев најави средба со претседателот на Парламентот Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети пред седницата за пратенички прашања. Доколку Џафери и ДУИ останат на позицијата дека е неприфатливо опозицијата да ја условува работата на Собранието, тешко дека утре ќе се најде решение иако за Заев начелно е прифатлив предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да има посебна седница за клучните закони за помош во коронакризата.
Заев изјави дека се надева на решение за деблокада на Собранието и дека во игра се сите варијанти.
– Се надевам дека како ќе се залечуваат позитивните пратеници ќе се стави во функција Собранието. Да се блокираат закони кои живот значат е неразумност. Утре пред седницата за пратенички прашања ќе одржам состанок со претседателот на парламентот Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, да ги видиме можностите за деблокада на Собранието. Сѐ е во игра од лидерска средба, координаторите на пратенички групи да најдат решение, до вонредна состојба, сѐ е во игра – изјави Заев.
Тој потенцира дека сѐ што е во интерес на граѓаните, односно да може да се донесат законите од петтиот пакет мерки е прифатливо, иако како што вели сѐ уште не ги знае деталите од понудата на Мицкоски.
– Но како идеја за мене е прифатливо. Дали во Собранието, дали во Клубот на пратеници важно е да се најде решение. Утре ќе направам консултации. Обврската беше на координаторите на пратеничките групи да најдат решение, ако не на лидерска – вели Заев.
Мицкоски му предложи на Џафери утре пред седницата за пратенички прашања да закаже нова седница на која ќе се донесат клучните закони за граѓаните.
– Пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже собраниска седница со дневен ред со четирите закони кои се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба, или поточно: Одлуката за продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради корона вирусот и измени на законите за финансиска поддршка на работодавачите, финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од корона кризата и измените на Законот за данокот на личен доход. Ќе потенцирам уште еднаш, иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и граѓаните, сепак истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е отворено барање. Владата и СДСМ да престанат со манипулации и незрело однесување. Граѓаните не смеат да бидат заложници на неспособната Влада – вели Мицкоски во повикот до Џафери.
И покрај обидите не успеавме да добиеме одговор од Џафери дали за него е прифатлив предлогот на опозицискиот лидер Собранието да се стави во функција. Џафери пред два дена беше категоричен дека нема да дозволи условувања за работата на Парламентот и кршење на собранискиот Деловник.
– Јас сум душевно загрижен за здравствената состојба во која се наоѓаме. Прва реакција од ВМРО-ДПМНЕ која согледувајќи ја состојбата понуди решение кое за жал, е спротивно на Деловникот, е од предвидените 30 точки на дневен ред да се одржат 1, 9, 10 и 11, а другите точки да се тргнат од дневен ред. Укажав дека тоа е спротивно на Деловникот, дневниот ред не е слободна волја на Собранието. Укажав дека внесување такво правило е ризично за функционирањето на Собранието и понатаму, не само во овој мандат. Зошто? Затоа што се воспоставува пракса на условување на точките на дневен ред. Вакви услови нема да прифатам зашто се спротивни на Деловникот и на моите убедувања – изјави тогаш Џафери.
Според него, ултиматумот не е решение за работата на Собранието.
Засега непроменет е ставот и на пратениците од ДУИ. Тие велат дека даваат шанса на дијалогот во Собранието бидејќи таму е проблемот. Засега се против лидерски средби, избори и се против концентрациска или техничка влада.
– ДУИ е за решавање на сите дилеми во Собранието преку дијалог бидејќи тука е проблемот, но не со ултиматуми. Седницата која не се одржа беше закажана на 9 мар. Не може опозицијата да бара од таа седница да се гласаат само пакетот мерки за коронакризата, а да не се гласаат другите закони. Било каков договор надвор од собранискиот пленум е ризичен преседан, оти во иднина и само еден пратеник може да постави ултиматум, да условува и да ја закочи работата на Собранието. Дел опозиција блокира неколку закони, а дел сите закони – велат од ДУИ.