ЗА 2 ГОДИНИ ДРЖАВАТА ПОТРОШИЛА 8,3 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ВОЗИЛА Која институција поседува најскапо возило, а која купила најмногу коли?

Нови возила во 2023 и 2024 година набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.

174

Само во последните две години, 2023 и 2024, државните институции набавиле 269 нови патнички возила и за нив потрошиле 8,54 мииони евра, покажува истражувањето на јавните набавки на државните институции на Центарот за граѓански  комуникации.

Дел од институциите ги купиле возилата, а друг дел ги набавиле на лизинг, најчесто оперативен, што значи дека по истекот на периодот на лизингот треба да ги вратат, иако за возилата плаќаат како да ги купиле.






Нови возила набавиле 44 институции, а склучени се вкупно 72 договори за јавни набавки. Просечната вредност на сите набавени возила во последните две години е 31.760 евра.

Поединечно по институции, најмногу возила набавило ЕСМ, 82 возила за вкупна вредност од 2,2 милиони евра. Исто толку пари, но за речиси двојно помалку возила, има потрошено и Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, за набавката на лизинг на 45 возила, секое по 50 илјади евра.

Следно на листата е Министерството за внатрешни работи, кое набавило вкупно 28 возила за 900 илјади евра. По повеќе од половина милион евра за нови возила потрошиле Агенцијата за национална безбедност, за набавени 23 возила, и Водостопанство, за набавени 15 возила.

Најскапи возила, од по 55 илјади евра, набавиле: Општина Шуто Оризари, Државна видеолотарија, Општина Битола и Комуналец Кавадарци.

Убедлив рекордер ќе беше Општина Прилеп која во декември 2024 година склучила договор за набавка на лизинг на возило од 63 илјади евра. Но, како што тврдат од општината, договорот е раскинат во февруари оваа година и возилото не е земено.

Најмногу возила, институциите набавиле од марката Шкода, дури 90, односно една третина од сите набавени возила во двегодишниот период на анализа. Многу зад Шкода не заостанува ни марката Дачиа од која се набавени 78 возила. Следна марка според бројот на набавени возила е Пежо, со продадени 45 патнички автомобили.

Истражувањето покажува дека просечниот број понуди од фирмите на тендерите за набавка на нови возила изнесувал 1,4 понуди. На дури 70 % од овие набавки имало само по една понуда. Највисок број на добиени понуди на еден тендер бил три, но такви имало само во четири постапки.

Три фирми добиле најголем број од тендерите за автомобили, дури 78 % од 8,5 милиони евра. Најголема вкупна вредност на склучените договори за јавна набавка на возила имаат две фирми. И двете оствариле по околу 2,8 милиони евра вкупна вредност на договорите за анализираните две години. Станува збор за „Порше лизинг“ со 2,85 милиони евра и „Аутомотив груп“ со 2,74 милиони евра. Трета, со 1,06 милиони евра е „Еуроимпекс“.

 

Поврзани содржини