Вучиќ: Сите „големи руски пријатели“ влегоа во НАТО, ама не и „предавникот“ Вучиќ
Ние сме на патот кон ЕУ, но ќе ја зачуваме нашата позиција и нема да ги расипеме односите со Русија - кажа српскиот претседател во интервју за руската агенција Тасс.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека Србија никогаш нема да и воведе санкции на Русија, иако е под притисок и, како што кажа, и понатаму ќе биде под притисок, јави дописникот на МИА од Белград.
– Ние сме на патот кон ЕУ, но ќе ја зачуваме нашата позиција и нема да ги расипеме односите со Русија – кажа Вучиќ во интервју за руската агенција Тасс.
Тој посочи дека и Србија била под санкции и оцени дека тие не се најдобра политика.
– Србија плати висока цена. И тоа нè доведе до добри резултати – кажа Вучиќ, кој додаде дека Србија ќе ја брани својата територија без членство во ниту една воена структура.
– Сакам да и го кажам тоа на целата руска јавност, дека веќе осум години слушам дека Вучиќ сака да ја вовлече Србија во НАТО, дека Вучиќ е предавник кој сака само да ја искористи можноста да го стори тоа… Се покажа дека сите ’големи руски пријатели’ влегле во НАТО, само не и ’предавникот Вучиќ’ – изјави српскиот претседател.
Тој го повтори ставот дека Србија никогаш нема да влезе во НАТО или во која било друга воена структура.
Како што рече, Србија ќе биде самоодржлива, независна и слободна држава, која се придржува до политиката на воена неутралност.