ВУЧИЌ И РАМА ПРЕДЛАГААТ „РЕАЛИСТИЧЕН ПАТ КОН ЕУ“ Во заедничка колумна опишаа како тоа го замислуваат
Нивниот заеднички предлог предвидува постепена интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ и во Шенген зоната, но без европски комесари од нивните земји, без пратеници во Европскиот парламент и без право на вето.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама повикаа на забрзување на процесот на интеграција на Србија и Албанија во Европската Унија.
Тие, во заеднички авторски текст, објавен во германскиот весник Франкфуртрер алемајне зајтунг (ФАЗ), ја опишаа својата идеја како „реалистичен пат кон ЕУ“, при што функционалната делумна интеграција би служела како меѓуфаза за оживување на процесот на проширување на ЕУ и за зголемување на стабилноста во регионот.
Нивниот заеднички предлог предвидува постепена интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ и во Шенген зоната, но без европски комесари од нивните земји, без пратеници во Европскиот парламент и без право на вето. Полноправните членки на Европската Унија ги имаат сите овие права.
Процесот на пристапување на Србија и другите земји од Западен Балкан во ЕУ е во застој со години, бидејќи кандидатските земји не постигнале доволен напредок во владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и судските реформи, кои се неопходни за членство во Унијата.
Во заедничкиот текст, лидерите на Србија и Албанија наведуваат дека Западен Балкан е регион кој географски е опкружен со ЕУ и историски е поврзан со европската судбина.
„Перспективата за членство останува најсилниот двигател за реформи, инвестиции и помирување“, пишуваат Вучиќ и Рама.
Обраќајќи се до Европската Унија, тие порачаа дека „е крајно време ЕУ да признае дека Западен Балкан претставува нова линија на инвестиции за зајакнување на Унијата“.
Според нив, забрзаната интеграција на подготвените кандидатски земји во заедничкиот пазар и во Шенген зоната може да ја зајакне економската и политичката позиција на ЕУ, без да ја оптовари нејзината институционална структура.