ВУЧИЌ ГО ОСУДИ НАПАДОТ ВРЗ АНТОНИЈЕВИЌ Бјелогрлиќ е голем режисер, но насилството мора да се казни!
А обратно, ако некој нему (на Бјелогрлиќ) му направеше такво нешто, дали би го кажале истото? Но, тоа не ме интересира, ние мора да бидеме земја со пристојни луѓе каде насилството никому не му е дозволено. Насилството мора да се казни. Тоа е тажен настан, рече Вучиќ вчеравечер во гостување во познатата ТВ емисија „Кирилица“.
Иако Бјелогрлиќ му е мил, сепак српскиот претседател Александар Вучиќ недвосмислено го осуди неговиот неодамнешен напад врз режисерот Предраг Антонијевиќ во хотел во Ниш, велејќи дека „насилството мора да се казни“, пишува СрбијаДанас.
– А обратно, ако некој нему (на Бјелогрлиќ) му направеше такво нешто, дали би го кажале истото? Но, тоа не ме интересира, ние мора да бидеме земја со пристојни луѓе каде насилството никому не му е дозволено. Насилството мора да се казни. Тоа е тажен настан – рече Вучиќ вчеравечер во гостување во познатата ТВ емисија „Кирилица“.
Не е обична шлаканица, ниту мала случка
Вучиќ потенцираше дека нападот врз Антонијевиќ не е „обична шлаканица и мала случка“, коментирајќи ја изјавата на новинарката Слобода Ступар која рече дека Бјелогрлиќ „само малку му удри шлаканица на Гага Антонијевиќ“.
Драган Бјелогрлиќ е ултрапопуларен глумец и режисер во Србија, но исто така е и Антонијевиќ кој е постар волк во браншата. Се смета дека инцидентот кој се случи на филмскиот фестивал во Ниш бил поради контроверзниот филм „Дара од Јасеновац“ на Антонијевиќ. Друга верзија е дека Бјелогрлиќ му се одмаздува на Антонијевиќ затоа што тој пред пет години објави како помладиот глумец и режисер пробал да го подмити за да поддржи негов филм.
Време е да се прават филмови за страдањата на Србите
Вучиќ нагласи дека од 70-тите години до денес постои стигма и некаква забрана да се прават филмови за неправдите кои ѝ биле нанесени на Србија, а токму Антонијевиќ бил првиот режисер кој покажал храброст да направи патриотски филм.
– Горд сум на филмот „Дара од Јасеновац“ и благодарен сум му на Гага Антонијевиќ што го направи, на сите актери, на луѓето што собраа храброст да направат патриотски филм за страдањата на српскиот народ по 75 години. Но, добро е што го рече тоа, бидејќи покажа колку тој филм му пречи. Добро е што луѓето го гледаат и го препознаваат тоа – рече Вучиќ.
Нема лажна елита, туку некои од нив се кариеристи
Настапот на Вучиќ во „Кирилица“ беше еден од оние негови неколкучасовни настапи, каде тој, со куп хартија ги бранеше своите ставови, но и својата власт, зборувајќи и зборувајќи. Тој го искористи инцидентот со Бјелогрлиќ да направи поента во врска со политичката ситуација. На пример, со иронија во гласот, праша што би се случило ако петмина функционери од неговата партија (СНС) се приклучат на опозицијата предводена од Ѓилас и Јеремиќ, со претходни најави дека ќе го линчуваат секој кој мисли поинаку.
Вучиќ, исто така, рече дека не го мачи фактот дека прави, како што вели, лажна елита што народот не ја поддржува. Сепак, тој призна дека не е задоволен кога некои членови на неговата партија и во администрацијата се однесуваат популистички и кариеристички, само за да стигнат до некаква позиција.
– Ако треба да се борам за сè, секој ден, а вие да молчите и да бидете заштитени, тогаш проблемот е во нас. Не сакам да работам со луѓе кои не се борци, кои имаат страв, немаат визија, соништа, идеи. Но, тоа е прашање за нас, за нашето партиско собрание, за октомври – рече Вучиќ.
Во дел од емисијата Вучиќ стана и пред географска карта, како професор со стапче покажуваше кои автопати се градат или ќе се градат во земјата, додавајќи дека ни во Европа не се гради толку како сега во Србија.
Неговиот настап пред таблата направи многу луѓе да се смеат со него на социјалните мрежи.