ВТОРИОТ ЧОВЕК НА ДУИ ГО ДЕМАНТИРА АЛБАНСКИОТ ПОРТАЛ Али Ахмети нема да се повлече од партијата и од политиката
Медиумот на албански јазик „Фол“ објави дека Ахмети сериозно размислува да се повлече од активната политика по изборите.
Дезинформација е дека лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе се повлече од политичката сцена по локалните избори, вели потпретседателот на партијата Арбр Адеми.
– Не е точно дека претседателот Али Ахмети ќе се повлече од ДУИ и од политиката – изјави Адеми за „Слободен печат“, во врска со пишувањата на медиумот на албански јазик „Фол“ дека Ахмети сериозно размислувал да се повлече од активната политика по изборите.
Според информациите на медиумот добиени од ДУИ, Ахмети веќе разговарал за оваа одлука со дел од своите најблиски соработници, како и со политички партнери од Албанија и од Косово. Според порталот конечната одлука би можела да биде објавена по завршувањето на вториот круг од локалните избори.