ВРТИ-СУЧИ СТРАТЕГИЈАТА ЗА ТУРИЗМОТ НЕ Е НИ ПОД РАЗНО Туристичките работници очекуваат власта да не ја сече гранката која носи добри приходи

Предлог-измените на Законот за туристичка дејност со кои се укинува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и формирање на посебно тело Совет за промоција и поддршка на туризмот во прво читање го поминаа комисискиот филтер во матичната Комисија за култура и туризам.

163

Не е важно како ќе се вика телото кое ќе се грижи за промоција и поддршка на туризмот, туку какви резултати ќе даде тоа во иднина, велат туристички работници по информацијата дека со законски измени се укинува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и се формира Совет во рамки на Министерството за култура и туризам.

Тие не сакаат да се случува она што се случуваше во туризмот изминатите 10 години во кои промоцијата на земјава како туристичка дестинација се сведе на нула, а државата не покажа интерес да ја промени состојбата.






Нивните очекувања се во новоформираниот Совет за туризам да видат луѓе кои што се директно инволвирани во туризмот, посебно дојдовниот кои знаат кои се слабите, а кои добрите страни на туризмот во земјава и како да се организира промоцијата на земјата како туристичка дестинација која ќе им конкурира на останатите земји.

– Очекувавме да се затвори Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот зашто последните години не ги даде очекуваните ефекти во промоцијата и посебно поддршката на дејноста. Новото тело кое, според информациите што ги имам, ги има истите обврски како и Советот кој го имаше во рамки на Агенцијата, но очекувам неговиот состав да биде со луѓе кои се директно инволвирани во дојдовниот туризам. Тука мислам на агенции, хотели, угостители, институции од културата, винарии… кои се дел од дојдовниот туризам зашто можат многу да дадат во надминување на недостатоците, но и во визиите за тоа како треба да изгледа македонската туристичка приказна која ќе биде конкурентна со другите во светот – вели Влатко Сулев, претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ).

Тој смета дека посебен акцент, покрај промоцијата која ја прави сликата за земјава кај странскиот турист, треба да се стави на поддршката, која воопшто не заживеа од формирањето на Агенцијата за туризам.

– Поддршка не значи само давање пари за носење туристи, туку изградба на инфраструктура, култура на однесување, начин на комуницирање со туристите. Тука мислам не само на патна инфраструктура, туку и на дигитална поврзаност, обележани патеки, инфо-центри, хотелски капацитети, угостителски услуги и друга инфраструктура до и во локалитетите и промоција на производите кои сакаме да им ги покажеме на странците со цел од овој извоз да имаат корист државата и поединците инволвирани во сите сегменти поврзани со странските туристи и со нивниот престој во земјава – вели Сулев.

Според него, доволно е Советот да се среќава еднаш на три месеци, но само ако она за што ќе расправа е продуктивно и е во прилог на развојот на туризмот или решавање на тесните грла во него.

– Сепак, мислем дека во почетниот период средбите треба да бидат почести за да се воспостави ефективен систем на работа во прилог на туризмот. Потоа работите ќе бидат полесни – вели Сулев.

И Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија вели дека е добро што се укинува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, но очекува многу повеќе од работата на Советот за туризам и од Министерството.

– Немаме точни информации што се случува, но очекуваме убаво да се регулира работата на новото тело за да даде најдобри резултати за туризмот. Исто така, очекуваме Министерството да покаже поголема заинтересираност за туризмот како една од гранките која обезбедува добар дел од приходите во земјата. Сега не можеме да оценуваме како ќе биде. Но, веќе од септември ќе имаме појасна слика за тоа каква е визијата на владата за туризмот, бидејќи веруваме дека до тогаш сите префрлања од едно во друго Министерство и институционалното оформување на делот за туризмот ќе завршат. Реално да кажам, очекувам туризмот кој моментално е на нула да почне да оди во позитивна насока – вели Керим.

Предлог-измените на Законот за туристичка дејност со кои се укинува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и се формира посебно тело Совет за промоција и поддршка на туризмот во прво читање го поминаа комисискиот филтер во матичната Комисија за култура и туризам.

Со измените, меѓу другото, се предвидува министерот за култура да го формира Советот за промоција и поддршка на туризмот и да се доделуваат субвенции за туризмот.

Според предлагачот, целта на законските измени е институционално унапредување на туристичките политики, зголемена ефикасност и централизирано планирање и синергија меѓу културата и туризмот.

МИЦКОСКИ НАЈАВУВА 1,5 МИЛИОНИ ТУРИСТИ И 4 МИЛИОНИ НОЌЕВАЊА

Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи вчера на новинарско прашање во врска со забележаниот раст на туризмот во Македонија за 20%, изјави:

– Да, тоа е добар податок во првите четири месеци од оваа година. Добар податок во смисла на тоа дека повеќе од 20% имаме и туристи и ноќевања. Тоа значи повеќе пари, за граѓаните кои што нудат услуга на овие туристи. Тоа значи дека, ако просекот е некаде околу 800 евра, дека секој од нив оставил  надвор од аранжманот. Тоа се навистина стотици милиони евра коишто ќе останат тука, кај нас, во угостителството, во услужната дејност итн.

Мицкоски рече дека очекуваме уште поголемо засилување на туризмот, а за следната година надвор од сезона, најави половина милион ноќевања.

– Повторно очекуваме повторно двоцифрен раст на туризмот. Минатата година имавме 1,2 милиони туристи, а оваа година очекуваме да дојдеме до 1,5 милиони. Минатата година имавме 3,5 милиони ноќевања, а оваа година очекуваме најмалку 4 милиони ноќевања – изјави премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини