Време е Скопје да добие нов даунтаун, но и нова пјаца и нов ковент гарден
Секогаш сум се залагал граѓаните, државата и инвеститорот заеднички да разговараат и да најдат компромисни решенија за парцелата спроти „Холидеј Ин“, во полза на јавниот интерес, но и со почитување на интересите на приватните сопственици. Мислам дека сега имаме идеен проект со таков потенцијал. Компромисот инвеститорот да добие 400 станови и многу деловен простор за продажба, засегнатите новомаалци компензација, а Скопје многу зеленило, но и убаво и модерно уредено катче во најстрогиот центар на градот, мене ми се чини разумен.
Сакаме парк на просторот спроти „Холидеј Ин“, не сакаме згради! Ако не, ќе тужиме во Стразбур. Сакамееее! Ќе тужимееее!
Како поддршка на оваа кампања, деновиве на Фејсбук се лиферува и една „фотографија“ од некаков „архитектонски проект“, според која просторот на паркингот спроти „Холидеј Ин“ е уреден како допадлив парк, во форма на кружни леи исполнети со зеленило и со цвеќе. И сите воспалено коментираат – прекрасен проект, еве вака треба да изгледа оваа локација, само парк и ништо друго!
Малкумина знаат дека автори на овој „проект“ сме двајца уредници на „Слободен печат“. Јас (сега веќе поранешен уредник на весникот) сум идеен автор, јас ја пронајдов фотографијата на паркот и добив идеја да ја „насадам“ на паркинот спроти „Холидеј Ин“. Графичкиот дизајнер Златко Зец е одличен изведувач на „проектот“.
Значи, станува збор за фотомонтажа, а не за некаков архитектонски проект!
Со таа фотомонтажа, пред неколку години, „Слободен печат“ отвори јавна дебата за овој простор. При тоа, бевме свесни дека Деталниот урбанистички план предвидува „бетонски чудовишта“. Како што бевме свесни и за тоа дека ДУП-от е закон и како таков, како закон значи, може да се промени само со друг закон, односно со друг ДУП и – никако поинаку!
Исто така, знаевме дека локацијата не е државно земјиште и дека си има свои сопственици, при што начинот на стекнување на сопственоста не беше легално оспорен. Инвеститорот има стекнато права врз основа на сопственоста и врз основа на предиспозициите на локацијата што ги нуди ДУП-от. Имајќи го сето тоа предвид, целта на нашата иницијатива беше да отвориме не само јавна дебата, туку првенствено дебата со инвеститорот, во надеж дека тој, во идејниот проект за изградба на оваа локација, ќе го прифати предизвикот со кој го соочивме.
Дали успеавме во намерата? Да, јас тврдам дека успеавме. Уште тогаш успеавме. Бидејќи наидовме на паметни и разумни луѓе. Битката против „бетонските чудовишта“ беше добиена уште тогаш. Потоа фати мораториумот за градба во Центар и јавноста изгуби интерес за темата.
Но, за тоа малку подоцна… Да се вратиме сега на тезата „или парк или ништо друго“, што сега многу сериозно и многу воинствено се наметнува во јавниот дискурс.
Легитимни желби, но и легитимни ограничувања
Се надевам дека ви докажав дека не спорам со тоа дека желбата на дел од Скопјани е легитимна. Напротив, мислам дека нема разумен човек што не посакува во Скопје да имаме повеќе зеленило и поголеми, поубави и поуредени паркови. Не можеме баш да се пофалиме дека постоечките ни се такви, но сеедно…
Исто така, се надевам дека разумните луѓе можат да разберат дека и желбата на жителите на Ново Маало да добијат пристојна компензација за тоа што живеат во супстандардни услови, или воопшто не живеат во тоа керпич-маало и со децении не можат да ги искористат своите права од сопственоста. Пред многу години тие луѓе и нивните сега покојни предци гледале како во комшулукот никнат „бетонски чудовишта“, зградите од сегашниот Градски ѕид. И се надевале дека еден ден и тие ќе добијат шанса и дека некој и нивните желби ќе ги смета за легитимни.
Како и да е, ако навистина сакаме конкретната парцела 1.1. да биде само парк и зеленило, без никакви згради и деловни објекти, тогаш постои само еден легален и легитимен начин да дојдеме до целта – државата (општината, градот, републиката) мора да го купи земјиштето од приватните сопственици, да го промени Деталниот урбанистички план за таа парцела (исто како и за соседната парцела 1.4. да предвиди парк и фонтана евентуално, или некакво поинакво решение, според волјата на граѓаните) и потоа да изгради што сака.
Да повторам, конкретното земјиште си има свои газди и до сега барем, немам слушнато некој уверливо и со правни аргументи да го оспорил начинот на кој тие се стекнале со сопственоста. Да потсетам дека постои и урбанистички план, кој предвидува на оваа парцела да никнат имено „бетонски чудовишта“. И секако, приватните сопственици немаат интерес да инвестираат само во трева и во зеленило.
Идејата за „суспендирање“ на ДУП-от е правно неодржлива и штетна
Ако државата, значи, штитејќи го она што се смета за доминантен јавен интерес, одлучила дефинитивно да ги спречи плановите на инвеститорот, може да постапи на два начина.
Првиот начин веќе го спомнав и морам да кажам дека тој не е рационален. Државата сигурно нема толку пари да купува земјиште од приватни сопственици, плус и да ги обесштети. Освен тоа, дури и државата мора да се однесува рационално со парите на даночните обврзници и тешко ќе оправда толкав трошок само за трева и за зеленило. Да е државно неизградено земјиште, да е некоја ледина, да правиме муабет…
Вториот начин е она што сега се предлага од страна на некои граѓански организации – државата, во лицето на премиерот, на градоначалникот на Скопје, на градоначалникот на Центар или на некоја четврта инстанца, да го „суспендира“ Деталниот урбанистички план. Јас, како и некои експерти што веќе јавно се огласија, сметам дека идејата за „суспендирање“ е правно неодржлива. Но, дури и кога би била одржлива, ваквата постапка ќе предизвика големи материјални и финансиски штети и уште поголеми морални штети. Како утре ќе се убедуваат домашни и странски инвеститори да градат во Македонија? Инвеститорите бараат стабилност и предвидливост, а не државата да ги менува законите преку ноќ. А урбанистичките планови, да повторам уште еднаш, се прописи со карактер на закони, се надевам дека барем тоа на сите ни е јасно.
Има и трет начин да се постигне заедничката цел. Граѓаните, државата и инвеститорот треба заеднички да разговараат и да најдат компромисни решенија, во полза на јавниот интерес. Тоа е она што јас и „Слободен печат“ се обидовме да го постигнеме пред неколку години.
И затоа, пред неколку дена, кога беше најавена јавната презентација на проектот „Гранд“, на Фејсбук напишав дека сакам прво да го видам идејниот проект и да ги слушнам плановите на инвеститорот, за да дојдам до заклучок дали и колку граѓаните, државата и приватните инвеститори ги приближиле ставовите и дали на повидок имаме одржливо решение.
Имаме ли проект што ќе ги задоволи сите страни?
Што сторил инвеститорот? Сега, после јавната презентација на идејниот проект, фактите се јасни:
Прво, на парцелата 1.1. со ДУП-от е утврдена површина за градба од 13.654 квадрати. Според презентираниот идеен концепт, инвеститорот ќе гради на 9.165 квадрати.
Второ, максималната катност според ДУП-от е приземје плус 60 катови плус поткровје. Максималната катност во планот на инвеститорот е приземје плус 22 ката.
Трето, законската обврска е да се зазеленат 2.500 квадрати. Инвеститорот предвидува да зазеленат 6.250 квадрати и во тоа не се смета вертикалното зеленило на една од зградите.
Четврто, инвеститорот е спремен, на сопствен трошок, да подигне парк и фонтана на соседната парцела (1.4.), која во ДУП-от е предвидена токму за тоа, за парк. Станува збор за површина од 7.133 метри квадратни. Значи, кога ќе се собере, на просторот спроти „Холидеј Ин“ под зеленило би требало да добиеме скоро 13.500 квадрати. Тоа е површина колку два парка со големина на паркот Жена Борец. Два накај три можеби…
И петто, според мене исто така многу важно, центарот на градот ќе добие и некои други битни, иако незелени јавни површини – нов подземен паркинг за 1.000 автомобили, нови пешачки улици, проширување на улицата Мирче Ацев, нова урбана опрема и слично.
Нормално, доаѓаме до клучните прашања. Дали е ова доволно? Дали граѓаните можат да се успокојат и дури и да му се радуваат на новиот проект? Дали може да ѝ се поклони верба на една компанија која сака во овој проект да вложи 60 милиони евра (и да заработи, нормално), во ова време-невреме?
Никому нема да попувам. Никого нема да го убедувам што да мисли и што да му се допадне. За вкусовите не се расправа, а паметта е единствената работа на светот која е стопроцентно праведно распределена – никој не се жали дека му недостасува. Затоа, ќе си кажам само што мислам јас за плановите на инвеститорот и за тоа дали имаме на повидок добро решение, што ќе ги задоволи сите страни.
Да, мислам дека имаме идеен проект со таков потенцијал. Компромисот инвеститорот да добие 400 станови и многу деловен простор за продажба, засегнатите новомаалци компензација, а Скопје многу зеленило, но и убаво и модерно уредено катче во најстрогиот центар на градот, мене ми се чини многу разумен.
Еколозите ги среќавам во „Скопје сити мол“, гледам како се мачат и ги жалам
И пак ќе се вратам на почетокот, на повиците „или парк или ништо друго“. Ги сметам за легитимни, но не дозволувам некој со викотници да се обидува да го делегитимира и моето гледање на нештата. Особено зашто мислам дека не сум осамен, а и сигурно не сум лицемерен.
Не се продавам за некаков голем „еколог“. На пример, често го посетувам „Скопје сити мол“. Тој објект е дел од портфолиото на инвестиорот. Навраќам често и во „конзервата“ до Старата железничка, како што некогаш го нарекувавме молот „Рамстор“. И да ви кажам право, таму среќавам и многу „еколози“ и баш и не сум стекнал впечаток дека доаѓаат под принудеа и дека нешто посебно се измачуваат што се „затворени“ во тие „конзерви“. Напротив, шопингуваат, се шетаат на топло и на чисто и уживаат во кафетериите. Поточно, уживаа до вчера, до локдаунов…
Во иднина, сигурно ќе навраќам и во „Ист гејт“, бидејќи мислам дека и тоа ќе биде еден одличен и функционален комплекс, на место на сегашната руина „Скопски саем“. И да не ве изненадам, можеби ќе ме гледате и во кафетериите на новиот хотел „Лимак“ на улица Железничка, а утре и во другите објекти. Бидејќи објектите што се градат меѓу улиците Гологанов и Железничка, да бидам искрен, мене ми се допаѓаат. Иако гледам дека таму нема да има многу зеленило. Но, сигурно ќе биде многу подобро и поубаво од она грдо ништо што постоеше таму до вчера, на огромна површина во центарот на градот, во мојот комшилук.
И уште нешто. Не се палам на наративот „старо Скопје“. Не сум од оние што мислат дека во центарот на метрополата треба да имаме мали куќички со големи дворови, во кои ќе седиме под цреши и кајсии и на лето ќе си ги брчкаме нозете во легени. Скопје одамна не е град со 300.000 жители и со бавчи до Карпош на запад и до Мичурин на исток, град во кој до Матка се одело ко на одмор, со воз – Скопје Сарај Матка, релација кратка…
Се разбира, на сите ни недостасува повеќе зеленило, повеќе чист воздух, ливада, планина, река. Но, ги имаме ние и Водно и Скопска Црна Гора, Матка, Китка и Козјак, Треска и Вардар, ма чуда ние имаме. И сето тоа на дофат на Скопје, на 15 до 20 километри, не подалеку. Само, не ги цениме нашите убавини. Не сакаме да ги уредиме тие места, да бидат достапни и пријатни за престој. Не знаеме да ги чуваме и да ги сочуваме за идните генерации.
Уникатна шанса да се остави траен белег во архитектурата на Скопје
И затоа, баш и не им верувам на сите што запнале паркингот спроти „Холидеј Ин“, кој сега е само ругло на градот, да го направат онаков каков што јас и Зец го „нацртавме“ на нашата фотомонтажа. На некои им верувам, но не на сите. Особено не им верувам на луѓето кои водат отворена кампања против инвеститорот, а најмалку им верувам на оние кои своите нишански справи ги подесиле според своите преференции за кандидатите за следните локални избори.
Ете, тоа е моето скромно мислење за оваа работа. Бидејќи не сум ни архитект, ни урбанист – а сепак го смислив „најубавиот“ проект што најмногу ви се допадна, хаха! – зборот ќе им го препуштам на сите што имаат да кажат многу повеќе и многу попаметни работи од мене.
Само, сакам да предупредам дека дебатата треба да се води смирено, аргументирано, а не на нож и со подметнувања, како сега. Јас одамна се убедив дека инвеститорот собрал група од разумни, паметни и претприемчиви луѓе и дека нивната желба е да направат нешто со што навистина ќе се гордеат. Ретко човек има шанса да остави траен белег во архитектурата на својот град. Тие се свесни за тоа и не сакаат да се посрамотат.
Ете затоа, предлагам да дебатираме на начин што ќе им помогнеме не само на тие луѓе, туку и на градоначалниците Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, ама да си помогнеме и себеси. Имам чувство дека ни треба помалку нервоза и повеќе добра волја заеднички да ги видиме големата слика и потенцијалот што го нуди овој прекрасен простор.
На тој простор јас очекувам да никнат и нови зелени површини, но и објекти со восхитувачки дизајн, задолжително калитетно решение за паркинг просторот и нови содржини кои ќе му дадат карактер на урбан и културен нуклеус, плоштад, собиралиште. Бидејќи Скопје нема своја агора, форум, пјаца, нема свој ковент гарден. Ги имаше можеби, но ги изгуби во „шумата“ од градби и споменици на проектот „Скопје 2014“. Време е да создадеме нови.