Време е правдата да се пријави и да каже – присутна!
Паѓањето на обвинението против Трајко Вељаноски би можело да биде пресвртната точка во конечното отфрлање на тиранија на арбитрерната правда. Време е силно да ја развиеме свесноста дека навистина, како што вели Монтескје, нема поголема тиранија од онаа што се спроведува под штитот на законот и во име на правдата. Тоа не е правда, тоа е сепак тиранија. Време е да ја поддржиме независноста на судот во битката против политичките калкулации и манипулации.
Првата импресија за последниот настап на Трајко Вељаноски, поранешен претседател на македонскиот парламент, во финишот на судскиот процес за „организаторите“ на настаните од 27 април 2017 година, е спокојството. Додуша, смиреноста, трпеливоста, самодисциплината, па и здодевноста ако сакате, беа познати одлики на настапитете на некогашниот спикер. Но, го имам предвид фактот дека завршниот збор на обвинетиот Вељаноски содржеше и многу емотивни делови. Освен тоа, тој и другите обвинети беа предизвикани да возвратат и на последните евтини трикови со кои обвинителката Вилма Русковска се обиде набрзина да „докаже“ нешто што не успеа цели дваесет месеци. Во случајот на Вељаноски, таа се послужи со класични навреди и провокации за да го дискредитира, на кои тој одговори одлучно, но смирено.
Од каде ова спокојство кај обвинетиот пред финишот на процесот?
Вистинскиот мир, ќе рече Мартин Лутер Кинг, не е само отсуство на немир, туку е и присуство на правда.
Почувствуваа ли Вељаноски, неговиот бранител и другите обвинети во овој случај дека правдата конечно е присутна во салата на Кривичниот суд во Скопје?
До пресудата, нема да го знаеме одговорот на ова прашање. Но, чувме и прочитавме дека обвинетиот Вељаноски констатирал „беспрекорното водење на оваа судска постапка“, што е голем комплимент за судијата што го води процесот. Чувме и повторена и искрена осуда и длабоко жалење за настаните од 27 април, без оглед што Вељаноски дефинитивно нема никаква вина за насилствата во парламентот и без оглед на фактот што овој процес му предизвика голема лична штета на професионален и на приватен план, како и ненадоместливи семејни трауми.
Дали спокојството на Вељаноски потекнува од чувството дека како во ниту еден друг политички мотивиран процес, овој пат навистина сме блиску до посакуваниот исход – до вистинската правда?
Веројатно. Инаку, нема што повеќе да се каже за бесмисленото обвинение против Вељаноски, кое никогаш и не требаше да влезе во судот. Или, во најмала рака, требаше да биде повлечено откако сите сведоци на одбраната на Вељаноски (46 на број) – негови некогашни политички сојузници, но и политички противници, меѓу кои и тогашниот лидер на опозицијата и сегашен премиер Зоран Заев! – потврдија дека спикерот на ниту еден начин не ги предизвикал настаните од 27 април, ниту пак е некаков „организатор“ на обидот да се спречи мирниот трансфер на власта. Одлучноста со која сите тие, како што вели обвинетиот, застанаа на страната на правдата и на чесноста, е најголемата сатисфакција што еден обвинет може да ја добие.
Тешко е да се замисли дека наспроти оваа планина од недвосмислени сведоштва и наспроти ова мноштво од материјални докази за невиноста на Вељаноски, судот ќе се определи за тривијалните провокации на обвинителката Русковска, поткрепени само со искази на пар дежурни лажни сведоци (искази оспорени и побиени во доказната постапка), како и си некакви исечоци од комуникацијата на Вељаноски со некои лица, кои дури и како такви, монтирани, ништо не докажуваат. Очекувам судот сепак да се приклони кон оценките на релевантните сведоци, некогашните колеги на Вељаноски, како и кон релевантните докази – стотиците страници стенографски белешки од самото заседание на парламентот. Тој огромен доказен материјал јасно покажува дека обвинетиот коректно и деловнички ја водел конститутивната седница на парламентот, вложил големи напори таа да помине во најдобар ред и сепак бил немоќен да ги спречи насилствата на 27 април. Обвинителниот акт, кој не е базиран на опширна и детална истрага, туку брзоплето поднесен со цел во јавноста спектакуларно да се прикаже дека се најдени некакви организатори на немилиот настан, мора да падне.
Го кажувам ова јасно и без страв дека ќе биде протолкувано како непристојно влијание врз судот, затоа што мислам дека е дојдено времето да се конституира силен јавен притисок во заштита на независноста на судот. На чесните и одговорни судии им е потребна поддршка од јавноста за да се спротивстават на политичките калкулации и на манипулациите со кои една група обвинители и судии се обидуваат неколку „тенки“ предмети наследени од поранешното СЈО, но и креирани во Обвинителството за организиран криминал и корупција, да ги доведат до успешен исход.
Паѓањето на обвинението против Трајко Вељаноски би можело да биде пресвртната точка во конечното отфрлање на тиранија на арбитрерната правда, во историјата позната под различни имиња – јакобинска, револуционерна итн. Време е силно да ја развиеме свесноста дека навистина, како што вели Монтескје, нема поголема тиранија од онаа што се спроведува под штитот на законот и во име на правдата. Тоа е основата на која можеме да почнеме да размислуваме и за помируваме и за живот во спокојство, макар и едни покрај други, дури и едни наспроти други. Време е за еден таков цивилизациски подвиг.