Време е науката да проговори – стоп за еко-популизмот
Во Македонија имаме самопрогласени екологисти кои немаат соодветно високо образование со кои би можеле да дебатираме на тема заштита на животната средина, напротив сѐ е сведено на класична уцена кон политичарите за некој глас повеќе. Оваа жална формула нѐ доведе во ситуација да имаме измени и дополнувања на законот за животна средина со кои се предвидува затворање или пак забрана за реинвестирање во целокупната индустрија на Македонија.
Има едно клучно прашање што ги мачи граѓаните: Дали може да се даде одговор на терминот екологист?
Во Македонија имаме самопрогласени екологисти кои немаат соодветно високо образование со кои би можеле да дебатираме на тема заштита на животната средина, напротив сѐ е сведено на класична уцена кон политичарите за некој глас повеќе. Оваа жална формула нѐ доведе во ситуација да имаме измени и дополнувања на законот за животна средина со кои се предвидува затворање или пак забрана за реинвестирање во целокупната индустрија на Македонија. Да беа совесни овие личности веднаш по реакцијата на извршниот директор на Стопанската комора на Македонија ќе побараа да се повлече нивниот излобиран член во законодавниот дом чии поданици без размислување и без никаков концепт ја изгласаа промената во 2023 година.
Затоа одговорот за т.н. еко активисти со симплифициран вокабулар е дека овие личности сакаат да ја стават во економска смисла Македонија не на колена, напротив да ја „цркнат“ во буквална смисла, за свои лични лукративни потреби.
Велат дека македонското земјоделието може да ја храни пола Европа. Па што чекаат? Кој им брани? За жал, нема никаков план за земјоделска иднина, освен да ги плашат граѓаните со лаги.
Нивото на експерти кај еко лагите се сведува на високо образовани личности кои се книжевници, глумци, доктори по физикална медицина, со завршени факултети по безбедност на физички лица и слични образовни профили, но образованието од сферата на нивното еко делување е еднакво на нула.
Овие лица мора да разберат дека немаат основна образовна спремност да одговорат во делот на металната индустрија или пак со геолошко, рударско и металургиската спремност.
Ако си член на Владата и им зададеш прашање од типот „Ве молиме протолкувајте ми го FE3C дијаграм за да имам претстава за кој тип на печка да користам во челичната индустрија со која нема да ги надминам стандардите за загрозување на животната средина согласно нашето законодавство, а кое е конципирано врз она на Европската унија“, немаат капацитет да одговорат. За бакренец и шахтна печка уште помалку.
Затоа вистински екологисти се оние кои се високо образовани во нивниот сектор и кои можат да дадат одговор со кој стравот кај граѓаните се сведува на минимум зашто не влеваат само впечаток на доверба, туку експлицираат огромно знаење, а тоа е доверба.
Вакви личности кои можат да одговорат на прашањето „Што значи терминот екологисти“, се наоѓаат само во високо образовни институции и тие знаат да го дадат одговорот за релаксирани односи помеѓу индустријата, животната средина и граѓаните кои се грижат за здравјето и за животната средина.
Впрочем, доколку се разговара за тоа како се креира рударско-индустриски комплекс за експлоатација на рудно металично богатство, одговорите се бараат на следниов начин. Потребни ви се експерти кои учеле проектирање на индустриски капацитети и кои веднаш знаат дека се бараат следниве: геолог да ја открие рудата, географ да каже каква е ружата на ветрови за прашината која и покрај заштитата со водна завеса не случајно отиде во населени и во земјоделски места, рудари да кажат каква технологија на ископ да се изврши, металурзи да извршат екстракција на металот, макроекономист да го продава рудното богатство и најважното државата кажува како се враќа во првобитна состојба земјиштето кое се употребувало за рудниот комплекс.
Затоа се креираат повеќедецениски стратегии во кои клучно место имаат самите факултети, но и највисоката научно-образовна институција МАНУ.
Во науката нема место во кое се употребува објаснување на паушалниот принцип „се знае“. Мојот факултет докажал на база на постапка со изотопи дека Преспанското Езеро се влева во Охридското и со тоа им дало доказ на биолозите да креираат свои научни достигнувања. Исто така докажале дека водите од реката Вардар имаат течение кон изворот Рашче и затоа се видно претпазливи и сакаат да придонесат за чистење на јаловиштето на Југохром. Во ова јаловиште и во останатите како што е од топилницата Велес има многу метал и токму овие професори знаат начин на чистење и имаат основни знаења за економска исплатливост.
Затоа кога негодувам за стратегијата за геолошки испитувања итн. создадена од МАНУ, единствената причина е што воопшто не се консултирани овие професори. За мене не е важна причината зошто, туку постапката.
Не случајно говорам дека се сконцентрирани на води и на јаловишта. Моите професори ги следат најновите достапни технологии и силно инсистираат употребата на вода да е во минимални количини.
Два рударски комплекса кои сакаат експлоатација на најсериозниот критичен метал бакар кој го поседуваме во милијарди евра и чија рудна жица ја има само во Источна Македонија, Генезис и Иловица-Штука инсистираат на научна основа да се оди со сува постапка, без создававање хидро јаловишни брани бидејќи експертите од Македонија дадоа такви препораки со цел да се минимизира влијанието врз животна средина.
За жал, МАНУ не ја објаснува потребата од отворање на ваквите гиганти. Ниту пак се изјасни на еко лагите дека друг гигант кој беше насилно затворен, дека немал никаква активност и дека тоа било само на хартија и се вика рудник Казандол. Вистината е дека постоечки стар рудник, за мене логично, сакал да ги преземе нивните производи од државата. За првиот производ со креирање на цевковод, па подоцна цистерни и вториот во вредност од 400.000 тони руда. Ова се факти.
Факти се и дека првенствено бакарното, а подоцна бронзеното време го создало модерното исплатливо земјоделие.
Лагите за Иловица-Штука, пласирани од екологисти кои немаат такво формално образование, се поразителни за нашата држава.
Фактите се:
– 350 милиони евра инвестиција во првите две до три години;
– Изградба на целосна инфраструктура во општините кои ќе бидат потребни за рудникот но и граѓаните;
– Директни и инидиректни вработувања 2.500-3.200 од самите општини;
– 11 милиони евра просек годишно да делат Босилово и Ново Село;
– 14 проценти намален дефицитот на буџетот на Македонија;
– Зголемена просечната плата во Македонија;
– Ако сме паметни како држава ќе добиеме субвенции и донации првенствено во спорт и стипендирање во образованието и стопирање на одлив на младите; итн.
И еве еден можеби заборавен факт за кој мора да се зборува со селаните. Само во оброци за вработените во рудникот ќе се трошат 250.000 евра во просек годишно. Рудникот ќе ја купува храната токму од нив.
И затоа МАНУ и Владата на Македонија мора со сета сила да докажат дека на лагите од самопрогласените екологисти им се кратки нозете.