ВРЕМЕ Е ЕУ ДА ДОНЕСЕ СТРАТЕГИСКА ОДЛУКА ЗА НАС, ПОТРЕБНА Е ГЕОПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ Редно е да продолжиме по европскиот пат
Подготвени сме за дијалог во добра волја и за изнаоѓање на рационални решенија, рече министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на денешниот работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија.
Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешниот работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија.
Министерот Муцунски го реафирмираше ставот дека членството на Македонија во Европската Унија е клучна стратешка цел на Владата, на што посветеноста и напорно работат сите институции.
– Сите сме целосно свесни за сложените геополитички предизвици со кои се соочува Европа, но и светот. Во време на извесности европската интеграција на Западниот Балкан претставува геотстратешка неопходност, која ќе придонесе за зајакнување на мирот, стабилноста и на безбедноста на континентот. Ние ќе продолжиме со својата улога како конструктивен партнер, и пример во регионот, посветени на градењето на добрососедски односи и на регионалната соработка. Ве уверувам дека нашиот фокус како Влада ќе биде уште посилно свртен кон спроведувањето на реформите во клучните области, како владеењето на правото и на правосудството, посветена и неселективна борба против коруцијата особено онаа од висок профил, унапредување на ефикасноста на институциите, реформата на јавната администрација и, секако, на зајаканување на економските капацитети на државата – рече министерот Муцунски.
Тој нагласи дека ваквата посветеност ќе продолжи и кон обврските од реформската агенда и кон реализација на целите на Планот за раст, како значаен инструмент за унапредување на економскиот развој, меѓусебната соработка и приближување на државата и целиот регион кон ЕУ.
Министерот Муцунски порача дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да остане кредибилен, заснован на заслуги и да обезбеди предвидливост. Напредокот кој го постигнуваме, додаде тој, мора да биде препознаен, а поддршката од земјите членки е клучна во одржувањето на довербата во европската перспектива.
– Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Точно 2 децении во кои донесовме серија на крупни одлуки, во кои направивме болни компромиси во име на остварување на генерацискиот стремеж за членство во ЕУ. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја и за изнаоѓање на рационални решенија. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример, како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко. Притоа, патот напред не води преку константа билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку заедничко со сржта на европската идеја и нејзините вредности. Напротив, потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат наместо да нè делат, кои ќе градат мостови цврсто втемелени врз сето она што го споделуваме и сето она што нè поврзува – рече Муцунски.
Министерот додаде дека оваа година очекува и конечен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ и отворање на поглавјата.
– Се надевам и очекувам дека во 2025 година ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандаради и конечен почеток на процесот на преговори, преку отворање на првите преговарачки области и поглавја. Заедно со вас, преку редовен дијалог и партнерство, убеден сум дека можеме да ги оствариме овие амбициозни цели – рече Муцунски.
Тој изрази очекување за успешна соработка во претстојната година.
Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека со оптимизам гледа на претстојната година поради досега вложените многу напори, година која, како што рече, почна и со сечење на ленти за два многу важни проекти од Коридорот 8 и Коридорот 10.
– Кога вложуваме напори во испорачување резултати докажуваме дека сè е возможно. Се надевам дека оваа година нема да се однесува само на сечење ленти, туку и на напредок во процесот на пристапување. Имаме одлична платформа со која можеме да работиме, реформската агенда е одличен документ, но исто така содржи и важни квадратчиња кои треба да се штиклираат во годината 2025-та. Ги има многу и заедно, мојот тим од Делегацијата на ЕУ ќе ви помага вам, на премиерот и на Министерство за европски прашања во унапредување на оваа важна агенда – рече Рокас.
Тој потсети на новото водство во ЕУ, кое, како што рече, го реенергизираше процесот на проширување и го стави во фокусот на агендата на Унијата.
Амбасадорот ги најави и посетите на новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос и на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас во првиот семестар од оваа година, а во врска со дијалогот со земјава.
– Има многу разбирање и многу заедничка волја да се придвижи процесот во Брисел. Владеењето на правото е област од клучна важност. Правосудството, владеењето на правото и борбата против корупцијата се една област која ќе ѝ овомзожи на Северна Македонија да направи голем исчекор напред, затоа што ќе се врати довербата. Тоа е нешто кое е навистина неопходно, ќе работиме рамо до рамо со вас и со министерот за правда – рече Рокас уверувајќи дека годинава ќе биде одбележана со многу достигнувања на европскиот пат на Македонија.