ВРЕДИ НЕ ПОДДРЖУВА ИНИЦИЈАТИВИ НА ЛЕВИЦА „Имам забелешки за работата на Илире Даути, ама таа ќе остане на чело на Комисијата за социјални работи“
Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити во врска со интерпелацијата на Илире Даути рече дека имаат забелешки за нејзината работа, но кога има иницијативи од Левица, тие се против и затоа ќе ја поддржат Даути.
Имаме забелешки за работата на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути од Европскиот фронт, но не поддржуваме иницијативи од Левица, рече денеска вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во врска со интерпелацијата на Даути.
– Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на Комисијата и ќе остане претседател на Комисијата. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица ние сме против и затоа ќе ја поддржиме – рече Меџити.
Во врска со последните интерпелации на министрите што не беа изгласани во петокот, Меџити кажа дека се најлошите или најнеизгласаните во историјата на Собранието.
– Да поднесеш иницијатива за интерпелации и на крај да гласаат само тројца пратеници, тоа покажува дека имаме поддршка и внатре во Европскиот фронт, па дури и внатре во ДУИ. Многу луѓе таму мислат како нас и имаат отворена врата да се приклучат кон Вреди – изјави Меџити по посетата на Гостивар, одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со иницијативата за интерпелацијата на потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, Меџити рече дека ниту еден од пратениците од коалицијата Вреди не бил присутен на гласањето на неговата интерпелација, и тоа, како што рече е политичка порака.
Во Собранието во петокот не поминаа четирите интерпелации за работата на владините функционери. Беше поддржана само интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, поднесена од Левица, со 61 глас „за“, 22 против и без ниту еден „воздржан“.