Вреди како политички дом – идејата што обединува е посилна

Вреди е можност да се постави нова норма во албанската политика, која ќе биде исполнета со достоинство без монопол, со единство без страв, со дебата без хаос и институционализам без клиентелизам. И затоа повторувам, идејата за обединување е посилна од идејата за разединување.

34

Во политиката може да се сретнат два вида бучава. Првата е природна, кога различни луѓе со различни биографии и темпераменти се обидуваат да изградат заедничка линија на политичко движење и развој. Втората е интенционална или намерна, бучава предизвикана за да се сокрие суштината. Деновиве гледаме обиди Вреди да се опише како нестабилна конструкција и привремен сојуз што ќе се распадне на првата кривина. Овој наратив не е случајно изграден, тој е производ на структура, која во својата немоќ и безидејност, нема што друго да понуди освен борба со спинови и сомнежи.

Затоа јас верувам, и тоа е порака што ја повторувам како политички принцип, дека во Вреди идејата за обединување е посилна од идејата за разединување. Не затоа што сите сме исти, туку затоа што доволно добро ја знаеме историјата на сопствените грешки. Секогаш кога албанскиот политички потенцијал бил распарчен, резултатот бил помала преговарачка моќ, помалку институционална сигурност и повеќе простор за клиентелизам, паралелни центри, уцени и договори чија цена ја плаќаат граѓаните.






Кога велам дека Вреди ќе стане политички дом, не мислам на романтична метафора која нуди психолошко засолниште. Домот во политиката е институција, има правила, одговорности и изградена култура на одлучување. Домот има вредносен кодекс што важи и кога е тешко, а не само кога е лесно. Коалиција може да се создаде за избори, но политичкиот дом се гради за повеќе генерации. Разликата е препознатлива, односно процесите се оддалечуваат од логиката на „собрани заедно“ и засилено се движат кон логиката на „изградени заедно“. Процесот на консолидација кој е во тек не може да се гледа како техничка вежба, туку како прашање на политичка зрелост.

Еден од најмалку разбраните, а нагласено важен квалитет на Вреди е децентрализираниот модел на раководење. На нашата политичка сцена долго доминира „едно лице – една команда“, односно вертикална дисциплина, лидерска приватизација на претставувањето, централизирано одлучување и партиска култура во која различното мислење се доживува како предавство. Вреди оди по различен пат, во поинаков правец. Децентрализацијата кај нас не претставува израз на хаос, таа зборува за изградена архитектура на доверба, во која политичкиот капацитет е распределен во повеќе центри на одговорност, а не во една канцеларија. Станува збор за внатрепартиска демократија во европска смисла, која инспирира дебата што создава синтеза, различност што се претвора во консензус и одлучување што се легитимира преку партиски органи, а не преку задоволување на индивидуални желби.

Во зрелите европски партии, силата не се мери по тоа колку е гласен центарот, туку по тоа колку е функционален системот. Кога имате децентрализација, имате и коректив, односно ниту една група не може да го зароби субјектот, ниту една суета не може да стане правило, ниту една одлука не може да се наметне без политичка дебата. Имаме знак на политичко созревање  и токму затоа таа децентрализација најмногу ги нервира оние што се навикнати на монопол. Секако, децентрализацијата носи и поголема јавна видливост на дебатите, а во нашите услови тоа лесно се претвора во спин. Но во реалноста, тоа е европски квалитет на партиската култура, на партија што не се плаши од дискусија затоа што ја користи за да стане подобра. Разликата е во финалниот исход од оваа дискусија – завршува со договор и единствен став, а не во распад.

Токму доаѓаме до критиката кон ДУИ, критика што мора да биде аргументирана. ДУИ со години го градеше својот легитимитет знак на ексклузивитет над албанското претставување. Но, монополот не претставува само политичка категорија, тој е израз на култура: „ние сме единствени“, „без нас нема стабилност“, „ако не сме ние, ќе има хаос“. А кога една партија со години живее од таков наратив, таа природно ќе се обиде да го одржи преку страв, поделби, медиумски труења и преку обиди да се создадат паралелни линии во секоја нова алтернатива на албанскиот глас на политичката сцена.

Затоа денес гледаме манипулативни конструкции за разединување на Вреди, кои се случуваат не затоа што тие навистина се заинтересирани за нашата внатрешна демократија, туку затоа што ги губат механизмите со кои долго време управуваа со албанската политичка емоција. Кога нема монопол, нема уцена, а кога нема уцени мора да има резултати. Токму ова е причината поради која историски застарените структури стануваат нервозни. ДУИ сака Албанците да веруваат дека секој обид за нова архитектура е привремен, затоа што привременоста ја враќа зависноста. А Вреди токму тоа го крши – зависноста од еден политички делегитимиран центар.

Во вакви моменти мора да се каже и нешто принципиелно за оние што се обидуваат да ја држат политиката во состојба на вечна недореченост. Јас немам потреба да навлегувам во лични квалификации. Но, како политички принцип и како порака до албанското гласачко тело, мора да се разграничи следното – политиката не е личен бренд што се репозиционира според конјунктурата на личниот интерес, напротив, политиката е колективна одговорност. Кога некој постојано се движи и осцилира меѓу ставови, сојузи и политички врати што никогаш не ги затвора, тој создава впечаток на прагматизам. Притоа не водејќи сметка дека додека ја поткопува колективната линија ја потхранува конфузијата. Во време кога Албанците треба да се консолидираат околу принципи и европски стандарди, секоја политика што се сведува на лична тактика наместо на колективна институција е чекор назад.

Јас ја почитувам политичката конкуренција, но не ја почитувам политичката навика да се игра на повеќе страни, додека од граѓаните се бара да бидат лојални на една. Албанското гласачко тело заслужува искреност во односот и пристапот кон него, односно артикулирање кој е со идејата за институционална зрелост и обединување, а кој е со идејата дека секогаш треба да постои резерва, алтернатива на алтернативата. Овој стил на политика може да биде удобен за поединецот, но многу скап за народот. Албанците не смее да бидат инструментализирани како публика на политички маневри, тие треба да бидат носители на политичка зрелост, завет кон принципите, а не кон моментот.

За Албанците во Македонија, вредностите не се луксуз, тие се историска потреба. Достоинството се гради преку институции, стандарди и еднакви правила. Затоа Вреди ја носи идејата за европска ориентација кон владеење на правото, функционални институции, мерит-систем и нулта толеранција кон злоупотреба на јавната моќ. Европа е повеќе од географска одредница, таа е метод како се избираат кадри, како се мерат резултати, како се казнува корупција, како се штити јавниот интерес, како се создава доверба. И токму овде се чувствува најголемиот отпор на старите структури, затоа што европскиот метод не им одговара на системите што живеат од лични врски и неформални центри.

Албанската политичка историја на овие простори е историја на борба за видливост, препознавање и признавање, за рамноправност и достоинство. Но, модерната фаза на таа историја не се пишува со симболи, туку со институции. Денес, најпатриотскиот чин не е да викате најгласно, туку да изградите систем што работи – училиштето да создава знаење, болницата да лекува, судот да дели правда, администрацијата да испорачува услуга. Затоа Вреди ќе биде политички дом што го преведува историското достоинство во современа институционална култура. Албанците сакаат да бидат фактор, а тоа не може да се постигне кога сте поделени и лесно манипулирани. Фактор сте кога сте организирани, стабилни и европски дисциплинирани.

Најлесно е да бидете единствени кога е мирно, но најважно е да останете единствени кога има притисок. Јас сум убеден дека Вреди е повеќе од момент. Вреди е можност да се постави нова норма во албанската политика, која ќе биде исполнета со достоинство без монопол, со единство без страв, со дебата без хаос и институционализам без клиентелизам. И затоа повторувам, идејата за обединување е посилна од идејата за разединување. Затоа што само обединети околу принципи, можеме да ја претвориме довербата во сила. Силата, во демократија, има само една смисла – да донесе подобар живот за граѓаните и да ја направи албанската политичка култура европска, современа и достојна за иднината што ја бараме.

Поврзани содржини