Вратете ги книгите во училиштата, ама не доаѓајте по свидетелствата – има корона!

Не е воопшто важно дали свидетелствата ќе ги поделат во јуни или во септември, но неприфатливо е нивната неспособност за навремено распишување тендери да ја припишуваат на пандемијата, реагираат родителите.

433

Свидетелства има, но до училиштата ќе бидат дистрибуирани до септември за да не се прават гужви поради пандемијата со коронавирусот, велат од Бирото за развој на образованието.

Од друга страна, пак, веднаш по завршувањето на учебната година на 10 јуни, голем број училишта ширум земјава, среде истата таа пандемија, ги повикаа учениците да ги вратат учебниците кои ги користеле во изминатата учебна година.






Ваквата контрадикторност ги збунува родителите кои раскажуваат дека по стотина деца, во ист ден и во ист час, биле повикани да ги вратат книгите во училиштата, без воопшто да се размислува дали има опасност од пандемија.

– Пандемијата постои само кога треба да се доделат свидетелствата, а нема никаква опасност кога треба децата да ги вратат книгите во училиштата. Многу сум лута. Класниот раководител му испрати порака на син ми и му соопшти дека на 10 јуни треба да ги врати учебниците од претходната учебна година. Единствената мерка за заштита од коронавирусот беше тоа што половина од децата во училиштето ги враќаа книгите денеска, а другата половина утре. Но, повторно таа половина броеше стотина ученици. Од друга страна, пак, велат дека свидетелствата ќе ги доделат во септември за да не се прави гужва во училиштата – раскажува родител на ученик во шесто одделение во ОУ „Јоаким Крчовски“ во Волково.

Истото го коментира и татко на ученик во ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Кисела Вода, кој за Плусинфо вели дека причината за недоделување свидетелства е апсурдна.

– Не е воопшто важно дали свидетелствата ќе ги поделат во јуни или во септември, но неприфатливо е нивната неспособност за навремено распишување тендери да ја припишуваат на пандемијата. Од една страна им велат на децата дека постои опасност од ширење на коронавирусот и дека не треба да се прават гужви, а од друга страна им велат да ги вратат книгите во училиштата. Ако тие ги имаат свидетелствата, а тврдат дека ги имаат, тогаш ќе организираа примопредавање кое ќе се спроведеше на безбедна дистанца – ги оставаш книгите, го земаш свидетелството – посочува нашиот соговорник.

Свидетелства има и тие ќе бидат распределени до сите училишта, но не препорачуваме доделувањето на овие документи да се случува сега поради опасност од ширење на заразата.

Зеќирија Хасипи Директор на Бирото за развој на образованието

Директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи, вели дека свидетелствата ќе бидат доделени на крајот на август или на почетокот на септември.

– Свидетелства има и тие ќе бидат распределени до сите училишта, но не препорачуваме доделувањето на овие документи да се случува сега поради опасност од ширење на пандемијата со коронавирусот. Очекуваме дека кон крајот на август и почетокот на септември да се стабилизира состојбата со заразата, па тогаш ќе им бидат доделени свидетелствата на сите ученици – објаснува Хасипи.

Извори од Министерството за образование и наука брифираат дека доцнењето на свидетелствата се должи на нереализирана тендерска постапка.

– Неофицијално, тоа што како информација го имаме е дека наводно постои проблем со тендерската документација, односно не е завршен тендерот за печатење на свидетелствата – велат вработени во Министерството за образование и наука.

Како што синоќа објави Сител, тендерот за печатење на свидетелствата е поништен два пати поради две жалби кои биле усвоени од Комисијата за жалби по јавни набавки.

„Едната е од ‘Киро Дандаро‘ од Битола, другата од ‘Европа 92‘ од Кочани. Втората жалба од ‘Европа 92‘ е усвоена на втори јуни. Согласно праксата, оттогаш досега прекратко е времето за Бирото да има склучено договор. Комисијата за жалби во двете решенија препорачува тендерот да го добие ‘Арбериа Десигн‘, која понудила најниска цена за изработка на свидетелствата. Од компанијата само кратко потврдија дека тендерската постапка сè уште не е завршена. Тендерот е објавен на 6 април, и е со проценета вредност од 6,5 милиони денари“, објави Сител.

Поврзани содржини