ВРАЧЕНИ 145 РЕШЕНИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА Некои од нив со години работеле со нерегулиран статус

Со ова оценуваме дека ќе направиме значително зајакнување на човечкиот кадар во Клиничката болница во Тетово, што е неопходно за нејзината успешна работа – рече министерот Клековски.

0

Во Клиничката болница во Тетово беа доделени 145 решенија за вработување за здравствениот кадар кој со години работел без регулиран статус. На овој настан присуствуваа лидерите на ВЛЕН, заменик-претседателот на Владата, како и министерот за здравство Сашо Клековски.

Клековски рече дека овие решенија биле неопходни за функционирањето на болницата и стабилизирањето на кадарот. Тој истакна дека со овој чекор конечно се решава статусот на вработените кои со години работеле со договори на дело на национално ниво.






– Со овој чекор го завршуваме проектот за вработување на 1.150 вработени со договор на дело кои беа на целата територија на земјата. По еден до два месеци ќе продолжи завршувањето на вториот проект за вработување на 600 специјализанти. Значи, останува во текот на оваа година да реализираме 300 вработувања за специјализантите, од кои 22 специјализанти ќе бидат вработени во Клиничката болница во Тетово. Со ова оценуваме дека ќе направиме значително зајакнување на човечкиот кадар во Клиничката болница во Тетово, што е неопходно за нејзината успешна работа – порача Сашо Клековски.

Директорот на Клиничката болница во Тетово Ерзен Елези нагласи дека покрај инвестициите во опрема, на болницата пред сè ѝ е потребен квалификуван кадар. Тој потсети дека овие вработени работеле повеќе од една деценија со договори на дело, а најави дека во текот на септември се очекува отворање на нови огласи за 25 административни работници, 12 технички работници и 22 специјализанти.

Поврзани содржини