ВРАБОТУВАЊЕ ЗА ХОНОРАРЦИТЕ ВО ТЕТОВО Алиу најави тестирања и стабилни позиции
Министерот за здравство најави дека по завршување на конкурсите во Тетовската болница, ќе следуваат тестирања за медицински и административен кадар, за конечно системско вработување на хонорарците.
Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека во тек е вториот конкурс за административни работници во Клиничката болница во Тетово, со кој се предвидува системско вработување на хонорарно ангажираните кадри.
Како што посочи, Министерството веќе ги завршило административните процеси за медицинскиот персонал, вклучително и доктори и медицински сестри.
– Тој конкурс веќе заврши. Чекаме од болницата да ни пратат извештаи за да може да се процесира понатаму од наша страна со испитите за доктори и за медицински сестри. Вториот конкурс сè уште е во тек, тоа е за административни работници – изјави Алиу.
Тој нагласи дека конечно е време институцијата да добие стабилен кадар со јасен статус и сигурност.
– Крајно време беше институцијата да биде стабилна со човечки ресурси кои знаат каде работат и го имаат тој документ. Но, исто така и за нив и за нивните семејства, за да бидат сигурни дека тоа работно место е нивно – додаде министерот Алиу од Тетово, каде што денеска беше презентиран планот за уредување на Меморијален парк за жртвите од пожарот во модуларната болница.
Хонорарно ангажираните лица во Тетовската клиничка болница, во мај и јуни оваа година протестираа пред болницата со барање да добијат вработување на неопределено време. Нивните барања се интензивираа во изминатите месеци, по што беше распишан првиот оглас на 24 јули, со кој беше опфатен медицинскиот персонал. Сега е во тек и вториот оглас – за административни позиции.
Министерството уверува дека сите кандидати ќе бидат процесирани согласно извештаите што ќе ги добијат од болницата и ќе следуваат тестирања, како дел од постапката за системско решавање на статусот на овие работници.