ВОЗИЛО НА АРМ ИЗЛЕТАЛО ОД ПАТОТ НА КОСОВО Возачот не е повреден, на возилото му се скинале гумите
Поради лошите временски услови (слаба видливост и лизгав коловоз), возачот изгубил контрола поради што возилото излегло од патот во канал за наводнување.
За време на извршување на доделените задачи во рамки на операцијата на НАТО – КФОР во Косово вчера во вечерните часови се случила лесна сообраќајна незгода со незначителна материјална штета на возилото (скинати гуми) без било какви последици на возачот, соопштија денеска од Канцеларијата за односи со јавноста во Генералштабот на Армијата.
Оттаму велат дека при извршување на редовна патрола од страна на припадници на Армијата со воено моторно возило во состав на нашиот контингент во зоната на одговорност во регионалната команда запад, поради лошите временски услови (слаба видливост и лизгав коловоз), возачот изгубил контрола поради што возилото излегло од патот во канал за наводнување.
– Како дел од стандардните оперативни процедури, со поддршка на италијанскиот контингент во чиј состав ги извршуваме задачите во регионалната команда запад, моторното возило е извлечено и транспортирано до базата каде по неопходна интервенција ќе биде повторно вклучено во извршување задачи во склоп на мисијата – соопштија од ГШ на Армијата.