ВОЗИЛАТА ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ДИЗАЈНИРААТ ЗА ЛЕСНО РЕЦИКЛИРАЊЕ Европската унија воведува нови правила за авто-индустријата

Клучен фокус во директивата, која ќе се применува 2 години по донесувањето, е ставен на справување со постојаниот проблем на „исчезнување“ на возилата, преку подобрен систем за нивно следење и зајакнати контролни мерки.

77

Претставници на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент утрово постигнаа договор за новите правила за циркуларност на дизајнот на возилата и за начините за нивниот третман откако ќе престане нивното користење.

Со директивата ќе се бара новите возила произведени во ЕУ да бидат дизајнирани на начин што ќе овозможи повторна употреба на нивните делови, рециклирање и обнова, како дел од напорите за транзиција на европскиот автомобилски сектор кон поцирклуарен модел.






Документот пропишува мерки за целиот „животен циклус“ на возилата, од нивниот дизајн и производство, па до третманот на „крајот од животниот век“, со цел подобра заштита на животната средина и обезбедување правилно функционирање на единствениот пазар на Унијата.

Директивата, која се однесува на автомобилите, лесните комерцијални комбиња, камионите, мотоциклите, како и сите возила за посебна намена, предвидува тие да бидат дизајнирани на начин што ќе го олесни рециклирањето, повторната употреба на нивните составни елементи и нивно користење за производство на нови делови и компоненти, за што се предвидува поголема застапеност на рециклирана пластика.

За таа цел, за 6 години од стапувањето во сила на директивата, рециклирана пластика треба да биде застапена со 15% во возилата, а за 10 година со 25%.

Се предвидува во рок од 1 година да биде изработена и Студија за изводливост, а дополнително да бидат поставени и цели за процентуална застапеност на рециклиран челик, алуминиум, магнезиум и други ретки суровини во возилата.

Клучен фокус во директивата е ставен на справување со постојаниот проблем на „исчезнување“ на возилата, преку подобрен систем за нивно следење и зајакнати контролни мерки.

Според расположливите податоци, годишно во ЕУ „без трага исчезнуваат“ околу 3,5 милиони возила, кои се извезуваат во трети земји, се расклопуваат или се уништуваат илегално.

За ставање крај на ваквите појави, со директивата се дефинираат норми кога едно возило се смета за отпад и кога тоа ќе ги исполни тие критериуми ќе мора да биде третирано од овластен субјект за третман и не ќе може легално да се извезува или да се препродава „на старо“.

Дополнително се проширува одговорноста на производителите на возилата со тоа што се обврзуваат да обезбедат бесплатен соодветен третман на сите возила по „крајот на нивниот животен век“ и се забранува извоз на половни возила кои не се во возна состојба.

Директивата, исто така, воспоставува и строги правила за пренос на сопственост на возилата од економски оператори на физички лица.

Усогласениот текст на директивата сега треба да биде и формално одобрен од Советот на ЕУ и Европарламентот и таа ќе стапи во сила 2 години по нејзиното усвојување.

Поврзани содржини