ВОЗАЧОТ НА МИНИСТЕРОТ БЕСИМИ Е ПОВРЕДЕН Со лесни повреди минал и еден нивен сопатник
Во незгодата со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило „шкода“, Б.Љ.(35), констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Две лица се повредени во сообраќајката што се случи вчера во близина на Владата, а во која учествуваше и возило во кое беа министрите за финансии и за економија Фатмир Бесими и Крешник Бектеши.
Како што соопшти МВР, вчера во 19.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од булеварите Илинден и Св. Климент Охридски се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „шкода“, управувано од Ј.Б.(38) од Скопје, патничко возило „фиат“, управувано од Д.П.(45) од Скопје и патничко возило „киа“, управувано од А.Т. (36) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки.
Во незгодата со повреди се здобиле возачот на владината „шкода“ Ј.Б. и сопатникот од истото возило, Б.Љ.(35), констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека во координација со јавното обвинителство интензивно работи на расчистување на случајот и утврдување на причините за вчерашната сообраќајна несреќа во близина на Владата на РСМ. За несреќата се известени дежурен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и преземени сите неопходни мерки за расчистување на случајот: алкотестирање, обезбеден видео запис од безбедносните камери, изјави од сведоци итн. Во најбрз можен рок случајот ќе биде расчистен и јавноста ќе биде соодветно известена, ветија од МВР.
Министерот за финансии Фатмир Бесими синоќа преку Фејсбук соопшти дека доцна попладнево службеното возило во кое се превезувал заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, било учесник во сообраќајна незгода.
„Доцна попладнево, службеното возило со кое се превезував заедно со министерот за економија Крешник Бектеши на работен состанок во владата беше учесник во сообраќајна незгода која се случи на крстосницата пред Владата. Освен материјална штета на возилата, за среќа нема потешко повредени лица. Учесниците се здобија само со полесни повреди. На повредените им посакувам брзо оздравување“, напиша Бесими на „Фејсбук“.